Нема простор за „пријателска“ воена конкуренција во Србија

Белград. Нема ништо необично во тоа српски и руски претставници да го одбележат заеднички ослободувањето на Белград од Германците. Сепак, станува збор за годишнина од ослободувањето на српската престолнина во 1944 година, кое се случило со не мал степен на поддршка од Црвената армија. Но, начинот по кој се пристапи кон церемонијата е малку чуден.

Русија неодамна на Србија и’ продаде борбени авиони од типот МиГ-29. Москва размислува да им продаде на Србите и противракетни системи, и тоа најверојатно станува збор за Бук-М1, Бук-М2 или Панцир – С2. Разбирливо е зошто Србија го сака тоа вооружување. Воздушните напади на НАТО во 1999 година ги потврдија ставовите на српските политичари за потребата од модерна противвоздушна заштита. Фактот дека за купувањето на големо се дискутира покажува дека српските напори за набавка им напредуваат. Истовремено, Србија е земја во која надворешните сили се борат за влијание, поради што купувањето на оружје не е целосно внатрешна работа.

Монопол врз безбедноста

Србија се протега во срцето на Балканот, кој е крстопат на европските, руските и турските интереси. Место, каде беше поставен темелот на Првата светска војна. Местоположбата на балканските земји им дава непропорционално големо влијание, и им дозволува на властите стратешки да флертуваат со сите регионални сили, за да си ги заштитат националните интереси.

Србија на пример, се согласи за регионална патна карта, предводена од Европската унија, за да поттикне регионална економска соработка на Балканот, и покрај тоа што веќе е член на зона за слободна трговија со Русија (откако руската економија почна да паѓа во 2015 година, Србија се’ повеќе се зближува со земјите членки на ЕУ и со државите од Централноевропската спогодба за слободна трговија). 

Неколку земји, а најмногу Турција, која има историски врски со регионот, се интересираат за инвестирање во Србија, која е расположена да им ги земе парите, за да ја поттикне својата економија преку странски инвестиции. Дури и да има место за пријателска економска конкуренција во Србија, истото не може да се каже за воените работи.

Подобрените српско-руски односи во таа смисла се особено проблематични за НАТО, кое воено дејствуваше против Србија за време на војната во Косово (НАТО се воздржа од вмешување во другите конфликти при распадот на Југославија, но се вмеша во тој случај поради геноцид, кои Србите го почнаа во Косово).

Тоа беше историски момент. Прва западна воена интервенција по Студената војна, со безбедносна цел за Европа, а без поддршка на Советот за безбедност на Обединетите нации. Таа интервенција успешно ја примора српската армија да се повлече од Косово, воспостави миротворни сили и ги постави политичките основи за независност на Косово. Оттогаш Западот, во лицето на НАТО, е доминирачката политичка сила на Балканот.

Српското купување на оружје од Русија се заканува на монополот на безбедноста, кој НАТО го има во регионот. Присуството на ракетно вооружување, само по себе, ќе ја зголеми значително цената на една евентуална воена интервенција во Србија.

Тоа оди рака под рака со скорешните иницијативи на Србија за зајакнување на нејзината армија. Иницијативи, кои земја како Србија која во историјата била многупати окупирана, ги смета за мошне важни. Од таа гледна точка земјата веќе почна да произведува и да го подобрува своето воено опремување. Кон крајот на минатата година, Белград јавно објави дека ќе бара поблиски воени врски со Русија, како и дека ќе купи борбени авиони, ракети земја-воздух и оклопни воени машини. Србија, исто така, објави и дека ќе ги подобри своите односи со Белорусија, од која Белград очекува да купи ракетни системи од типот Ц-300, както и седум борбени авиони МиГ-29.

Нова поддршка

За Русија, продажбата на оружје е добредојден извор на приход. Продажбата на ракети, пак, има за цел многу повќе од финансиска добивка.

Станува збор за додавање на клучниот воен елемент кон нејзиното културно и економско присуство, кое Москва веќе го има на Балканот. Русија одамна силно ги поддржува своите врски со Србија – стратешки важна држава, која го чуваше руското крило од сили како Австро-Унгарија и Османлиската империја.

По распадот на СССР, Москва немаше можност да ја покаже својата сила, бидејќи беше економски слаба и глобално неважна, за да и’ помага на Србија, како некогаш. Кога почнаа војните на Балканот во 90-те години, Русија не успеа да се вмеша со поддршка за Србија, или да го сопре НАТО во воената интервенција. Нејзиното инволвирање беше само под форма на економска и политичка поддршка.

Москва ја поддржа српската позиција за Косово, а државниот енергетски гигант „Газпром“ инвестира во компании, кои придонесуваат значително во српскиот буџет.

Рускиот претседател Владимир Путин се кандидатира за функцијата на база на платформа со која вети да ја врати моќта на Русија. Како и многумина во сегашната нејзина власт, така и тој памети колку немоќна беше земјата во тоа време. Не е ни чудно што за време на неговото владеење врските на Русија со Србија значително се подобрија.

Тие односи и’ дозволуваат на Русија да си ја врати поддршката и влијанието во регионот, нешто што долги години беше под доминација на Западот (Македонија и Босна и Херцеговина се други земји надвор од НАТО, кон кои Русија е љубезна и им се додворува). Фактот дека Србија е арена за таков натпревар, го натера Белград да си поигрува со двете страни, за да дојде до можностите кои најмногу му одговораат на неговите интереси. Србија купува руско оружје, но истовремено е дел од програмата „Партнерство за мир“ и активно работи со НАТО, води преговори со Турција, и дури покренува прашање за воспоставување на соработка во областа на одбраната со Босна и Херцеговина. Таквото однесување е рационално, но ја прави тешка оценката за долгорочни српски интереси. Во меѓувреме, новото вооружување кое го купува Србија ќе помогне во запирање на нападите на оние кои би го искористиле Белград за сопствени цели и интереси.

Автор: Алисон Федирка,  геополитички аналитичар во „Stratfor“ и „Geopolitical Futures“