Нема распуштање на парламентот додека не излезе есапот на Заев?

Собранието требаше да се распушти на 11-ти февруари, за веднаш следниот ден да може да бидат распишани предвремените парламентарни избори закажани за 12-ти април. Но тоа не се случи, првенствено по желба на Зоран Заев кој сака на сила да го протурка во овој собраниски состав законот за јавно обвинителство во кој има одредби кои би му оделе во прилог во случај на кривичен прогон, ама пресметката засега не му излегува.

Како што толкуваше во една од своите скорешни изјави собранискиот спикер Такат Џафери, според Уставот избори се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието.

„Можноста за самораспуштање на Собранието 45 дена пред изборите не стои ниту во Законот ниту во Уставот. Со тоа, би се скратиле роковите за изборните дејствија, што ги утврдува ДИК. Во секој случај, Собранието ќе се распушти тогаш кога пратениците ќе поднесат таква предлог-одлука. Откако одлуката ќе биде изгласана со мнозинство пратеници, тие веќе не можат да се состанат ниту за ратификација на Протоколот за НАТО. Таа обврска ќе остане за наредниот пратенички состав“, изјави свевремено претседателот на Собранието, Талат Џафери.

А можноста за распуштање на Собранието 15 дена подоцна, на 26-ти февруари уште во октомври минатата година ја најави сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев кој тогаш упати замолница до Џафери, да го земе предвид овој рок, доколку Ратификацијата на протоколот за влез на земјата во НАТО тогаш дојде на ред. А откако пратениците на 11-ти февраури однапред ја изгласаа ратификацијата беше отстранета и оваа пречка за да не биде евентуално распуштен парламентот. Но сега, очигледно, пречка е неизгласувањето на законот за Јавното обвинителство во формата која ја предложија Заев и Дескоска.

Колку овој закон е животно важен за Заев, кој судејќи според сѐ се подготвува за многу веројатно губење на власта, покажа и неговата закана од почетокот на феверуари дека „нема да дозволи“ распуштање на парламентот доколку не биде прифатен законот за Јавното обвинителство. Се разбира, според неговата и верзијата на министерката за правда Рената Дескоска.

„Нема да има распуштање на собранието ако опозицијата го минира законот за Јавното обвинителство“, порача лидерот на СДСМ. Сепак, тогаш додаде Заев, со тоа не се доведува во прашање одржувањето на изборите.

По ова од кабинетот на претседателот на Собранието изјавија дека остануваат на ставот дека парламентот треба да се самораспушти на 12-ти февруари, за да може и изборите да се одржат на 12-ти април, иако оставија отворена можноста за отстапка од неколку дена, но само доколку партиите постигнат согласност за носењето на законското решение кое за Заев, во прв ред, е од исклучителна важност. Меѓутоа, Џафери по очигледното кокетирање на неговата ДУИ со Заев околу вметнување во предлог-законот за обвинителството на одредбите кои ги бараат „интегративците“, собранискиот спикер „ја смени плочата“.

Тој вчера ја отфрли иницијативата за распуштање на парламентот на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека не било наведено новото уставно име на земјата. Како изговор наведе деја добил потврда од Државната изборна комисија дека Собранието може да работи до крајот на седмицата.

„Денот на гласањето е 56-ти ден. А тоа подразбира 57-ми ден од гласањето, пред гласањето мора да се има одлука за распуштање на Собранието за да можам со решението за распишување избори да им ги обезбедам тие 55 дена“, толкуваше Џафери.

Јасно е дека Заев се пресмета дека ќе оствари поддршка од 80 пратенции за неговиот предлог на Законот за Јавно обвинителство. Но, уште минатата недела му стана јасно дека, покрај страшните критики за предлогот на СДСМ за споменатиот закон, нема да може уште да ја добие наклонетоста на потребниот број пратеници. Затоа на Заев и му е потребно одложување на распуштањето на парламентот.