Нема смисла градинките да се отворени а родителите да седат дома, порача Шахпаска

По реакциите во јавноста по вчерашната владина одлука, од 23 септември на работа да се вратат родителите на деца до шест годишна возраст и мајките кои беа на продолжено породилно отсуство, министерката Шахпаска денеска на прес-конференција рече дека е беспредметно да останат дома сега кога градинките се отворени.

-Анализите што ги има направено Министерството за труд и социјална политика до 2 септември, говорат дека има простор за сместување на 19.000 деца, а интерес за сместување пројавиле 14.555. Во градинките уште на самиот почеток имаат слободни 4.500 места.Приоритет имаа деца на самохраните родители и оние чии двајца родители се вработени. Оттука, потребата на овие родители да не одат на работа по отворањето на градинките е беспредметна. Затоа Владата јасно ја дефинираше одлуката вчера, дека родителите на овие деца треба да се вратат на работа, појасни министерката.

Таа кажа и дека дел од родителите ги запишале децата во градинка, но не ги носеле.

Според неа и продолженото породилно ја губи смислата бидејќи градниките се отворени.

-Тие родители ги чуваа своите дечиња затоа што градинките не функционираа. Оттука на вчерашната владина седница беше донесена одлука родилките коишто подолго од законски предвидениот рок за породилно боледување останале дома да се вратат на работа, рече Шахпаска.