Нема веќе листа на чекање, од септември децата од Кавадарци ќе одат во градинка

71

Долги години кавадарчани за да ги запишат своите деца во градинка мораа да „фаќаат врски“ или пак да чекаат слободно место. И над 300 деца беа на листата на чекање. Многу родители, затоа што не можеа да обезбедат упис во  градинка,  беа приморани да ги напуштаат работните места. Со години политичарите на избори ветуваа дека проблемот ќе се надмине со нови градинки, но тоа не се случуваше.

Во 2016 година листата на чекање била 348 дечиња а примени биле 269 деца, односно примени  77% од децата. Во 2017 година, пак, 411 дечиња чекале прием, а место имало за 309 па така 102 деца останале дома. Во 2018 година листата на чекање, поради зголемениот наталитет била со  421 дете, биле примени  372 деца, од кои 75 дечиња згрижени во новиот објект Буба Мара.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на прес-конференција рече дека таквите проблеми за родителите во Кавадарци од септември ќе станеле минато. Општината со направените доградби обезбедила доволно слободни места за сите што чекаа упис во градинка.

„Општина Кавадарци е меѓу првите , ако не и единствена општина која целосно го решава проблемот со капацитетот за сместување на деца во детските градинки, е тоа што во тековната 2019 година листата на чекање е 485 дечиња а примени се сите дечиња. На листата на чекање остануваат само дечињата кои се родени 2019 година и немаат полни 9 месеци и дечињата од с.Возарци кои ќе бидат примени кога ќе се заврши реконструкцијата на занималната со капацитет за 30 деца а се очекува да биде готова во месец октомври 2019 година“ информираше Јанчев.

Тој објасни дека од септември ќе има 44 групи во градинка, од кои 7 ќе бидат во новите занимални.

Во Кавадарци ќе се гради и целосно нова градинка со пари обезбедени преку грант од Светска Банка. Новата градинка според планирањата треба да биде изградена до 2020 година, а ќе се згрижат нови 180 деца.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.