Немаат коронавирус сопатниците на првозаразената

Тестовите на коронавирус на четирите лица од Струмица, поврзани со првата пациентка, извршени вчера попладне, се негативни, соопшти утрово Министерството за здравство.

Во соопштението се посочува дека биле тестирани и други осум сопатници на истата пациентка од Скопје и нивните резултати беа негативни на коронавирусот.

„Практично, сите сопатници од комбето на прво заболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот“, се додава во соопштението.

По последната информација дадена во текот на вчерашниот ден од Министерството за здравство, на корона вирус беа тестирани уште седум лица со индикации и нивните тестови се негативни.

„Во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани девет пациенти, од кои осум се позитивни на вирусот, а по вториот контролен тест, првозаболената е негативна на вирусот, што значи дека таа не е повеќе инфективна, но останува на болничко лекување до нејзиното целосно закрепнување“, се истакнува во соопштението.