Нео – Матрикс

Јас и натаму не можам да ги најдам одговорите на моите идеолошки правци освен во она што сум го видел, слушнал, прочитал. Сигурно не во политичар и од политичар кој во живот нема ниту еден работен ден поминато во некоја фирма, компанија, претпријатие, кој нема опит, емпатија, кој никогаш во животот не спознал, ниту почувствувал, што е тоа кога се бориш за плата, а таа ти касни или се заканува ликвидација на компанијата. Не, такви мали паразити не ми значат ама баш ништо. Но, лукави се, знаат да ти се упикаат под кожа ако си успешен бидеејќи преку тебе ќе се самадокажуваат.

Вртам по мојата колекција на филмови и барам објаснувања … ќе најдам нешто, кај и да е …

Во меѓувреме ги следам моите бивши колеги кои со неверојатна пизма се нафрлија токму на односот на опозицијата како изгубила, како се однесувала, требало вака, онака … За воља на вистината и јас во даден миг бев понесен во афект да обвинувам други, но … Внимателно ги читав и на крај се сведува дека требало да се радикализира до крајност и со вооружена револуција да се преземе власта. Далеку од умот, па и моите поимања, а згора не се толку одвоени од паметот, па зошто крв?

Секако, критиката е дали опозицијата има лидер, дали лидерот бил слаб, требал да биде јак, па народ да поведе. Кај мене во емисијата гледачите постојано и само бараа КОЈ ЌЕ ГО ПОВЕДЕ НАРОДОТ … ? Не навлегувам во нивните, луктративни намери со тие писанија, а ги има.

Ах, го најдов, комплет трилогија МАТРИКС. Нео имаше потенцијал, но тој потенцијал порасна откако сам направи подвиг. Да, него го бараа и чекаа со децении, го пророкуваа, се надеваа, но тој не се изроди, туку тој со дело се покажа и ниту во еден миг, не бараше да биде следен, поддржан, да биде прогласен… НЕ, тој сам, со лична жртва, без да калкулира, се даде себеси за да постигне единствено можно решение на конфликтот. Непријателот не можеш да го уништиш, но ако го убедиш со своја лична жртва и посветеност дека ти си силен, праведен и добро за двете страни, дека си спремен и на саможртва, секако наоѓаш решение.

Нео се жртвуваше и постигна МИР, машините не беа уништени, човештвото, едвај, но преживеа, и некако се постигна мир, затоа што веруваше дека мирот, каков и да е, е поблагороден и попородуктивен (колку и да е лабав и лош) одошто војната. Баланс меѓу најомразените вековни непријатели. Отиде во челуста на ултрамоќниотот непријател и му се понуди и подаде и како жртва. Зошто? Заради идеологија? Заради љубов, патриотизам, национализам, историја, географија .. .НЕ, затоа што самиот одлучил, направил избор.

И секако, лидерите сами се раѓаат, народот не изнедрува херои туку времето и тука никој не може да делува. Тоа е лична и интимна одлука на поединец, а не повик на социјални мрежи, не тоа е вдахновена длабока промисла и таа ќе се случи кога ќе се случи и никој, ниеден новинар, политичар нема да може да ја иницира. Затоа никој нема никакво право да прозива никого, ниту под превезот на самокритиката и патосот да дели на предавници и патриоти, тоа бедно и смешно. Уште помалку да бара некој да го следи, да вредеше, реки од луѓе веќе ќе беа зад тебе, а не кликнати лајкови. Затоа што секој јунак, херој, секој оној кој направил разлика и промена од епски размери не се декларирал себе си како партиски или расно или религиско определен, а најмалку национално. Делуваш како совеста и моралот ти налагаат, а врвната совест е висока над сите дневно политички и идеолошки демагогии, па добро и да не се.

Не можеш да бидеш христијанин и да мразиш затоа што ти се видело низ призмата на она што си го прочитал- недочитал дека е тоа правдено. Промените не се раководени од егото. Напротив, понизниот е поопасен од арогантниот, оној кој се понизил тој се вознел највисоко и кој се вознел и возгордеал треснал уште поторжествено. Нема гаранција и да си најправеден херој дека ќе опстанеш ако не си и доследен или се поколебаш во првичните свои пориви и принципи.

Затоа не можам никого да осудувам се што ни се случува е сумарум од наши/мои одлуки и размилсувања, но суетата не дава да се погледнеш во огледало и затоа криткуваш едни, други, трети, прозиваш, жигосуваш, ламентираш и глумиш маченик, јунак и херој… Па зошто народот не ги следи? Затоа што народот е генетски модифицоран од Христос наваму да го препознае вистинското, уплашен е кога е сам, но знае дека оној кој ќе дојде ќе зрачи со смиреност и понизност оти тој ќе отвора порти и ќе носи решенија кои можеби нема да се праведни и мили но се единствено можни. Бог, правден, семоќен, пострадува на крст, бива фатен и разапнат … одлучува на крајна саможртва и понзност и така победува! А можел поинаку? Да, можел но ова денес ќе беше незамислив тоталитаризам.

Ако библијата ви е претешка, Матрикс филмот кој е базиран токму на тоа е прополн со модерни цитати на времето кое го живееме и аспекти на она што се случува со нас и со светот. Вистината ни е оттргната од пред очи, освестувањето е уште полошо оти реалниот свет е многу потежок и потраорен.

Некој ќе се жртвува, тие што не се спреми – ќе лаат, тие што се – ќе направат се, па ако требаа и крајно ќе се понизат. Како и да е, тоа ќе биде нивна одлука, дали ќе ги следиме, тоа ќе биде наша одлука. Нема што многу да обвинуваме и бараме вина во други. Што и да се случи утре е наше дело, без оглед дали сме сакале или не, дали сме гласале или не, дали сме делувале или не … Нео не праша како човештвото дојде на тоа дереџе, ниту се занимваше со тоа кој е виновен и кој политичар или воин е ја направил таа ситуација, да бидат на раб на истребување, постои сегашност, виртуелна или реална, но само сегашност во која треба да се делува. Ако знам, ќе делувам, ако не знам ќе следам за оној кој верувам дека знае, но нема да се занимавам своите грешки, лоши одлуки и прогнози да ги проектирам на други, дури и да сум ги видел и предвидел.

Имате избор, да следите или сами преземете без да плачете дали имате поддршка или не. Одлуката треба да биде ваша.

Автор: Јанко Илковски