Неофицијално ЕСМ бара зголемување на цената за 20 отсто, МЕПСО сè уште пресметува

ЕСМ го изработи и достави до Влада планот за производство за 2022 година, како и финансискиот план. Граѓаните се поизвесно е дека од следната година ќе плаќаат повисоки сметки за струја.

ТВ24 дознава производната цена на струја на ЕСМ од сегашните 36 евра најверојатно ќе порасне на 45 евра за мегават час. Еден од главните критериуми за формирање на цената за домаќинствата е токму производната цена на ЕСМ.

Според инфромации на ТВ24 државната компанија ќе бара зголемување на цената на струја за дваесетина проценти, во дописот кој е адресиран до Влада дадени се различни пресметки, цени и количини – и што ќе значи секоја од нив финансиски.

Зголемување ќе бара и државната МЕПСО но засега се уште анализираат. Дирекотор Куштрим Рамадани за нашата телевизија вели точни пресметки би имале во следниве денови, но сепак учеството на МЕПСО во крајната цена е минимално.

Дали и колкаво ќе биде зголемувањето според првиот човек на Регулаторна се уште е рано да се говори. Бислимовски во изјава за ТВ24 вели откако ќе ги добијат пресметките од компаниите ќе ја имаат конечната одлука.

Македонија од 9-ти ноември и официјално е во енергетска криза. На компаниите досега им беа вбризгани 65 милиони евра за покривање на трошоците кои изминатиов период ги имаа. Надлежните најавија доколку е потребно ќе има и дополнителна финансиска помош.

Спасот сите го гледаат во активирање на домашните капацитети, со што би се зголемило домашното производство – кое во изминатиов период е на навистина ниско ниво. Земјава се соочува со поголема потрошувачка од производство, поради што државната МЕПСО неколку месеци наназад ненејавено влечеше струја од европската мрежа. Па само за месец октомври доби фактура тешка 16,5 милиони евра.

В среда треба со работа да почне и РЕК Осломеј, а минатата недела Владата ја задолжи ЕСМ да набави мазут и за ТЕЦ Неготино – по што со работа би стартувал и овој комбинат.

Дека цената на струјата ќе биде повисока досега неколку пати алармираа и дел од експертите.