Непланското работење ги испразни езерата и реките, поскапа струја ќе се купува од странство

Владата неколку месеци наназад ги игнорираше апелите од страна на граѓаните, биолозите и експертите за лошата состојба со водостојот на езерата и реките во Македонија. Поради катастрофално ниското ниво на водостој на водите и сериозна закана за биодиверзитетот владата донесе одлука хидроцентралите да се исклучат за да остане вода во еерата и реките во Македонија.

Со одлука на Владата, хидроцентралите ќе ги исклучат турбините за да остане вода реките и езерата а недостатокот на електрична енергија ќе се надомести со купување од странство.

„Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минумум на котите, неопходен за живиот свет“, соопштуваат од министерството за животна средина и просторно планирање.

Неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, технички проблеми во РЕК Битола.

Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, која е технички подготвена. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула.

Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт.

„За жал во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите. На состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес“ велат од МЖСПП.

Привременотo запирање на домашното производство на струја од хидроцентралите, ќе предизвика недостиг од електрична енергија во текот на грејната сезона, па за да се задоволат потребите, струја ќе се обезбедува со увоз.

„Владата го задолжи АД ЕСМ за своите потреби да набави електрична енергија преку ЕЛЕМ трејд, до нормализирање на природните услови, кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес“, соопштија од МЖСПП.
Заклучено е во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд да го развива трејдингот, односно купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а со цел да се оствари поголем профит за компанијата и државата.

Надлежните уверуваат дека целиот процес е во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената на домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголема добивка на буџетот. Дел од експертите предупредуваат дека во актуелните услови прашање е дали цената на струјата би била поволна или поевтина од произведената во домашните капацитети. Критикуваат дека граѓаните ќе бидат приморани да го плаќаат цехот за несериозноста и непромислените потези и трошоци кои на крајот од денот, сепак се плаќаат со пари од државниот буџет.

Универзитетскиот професор Константин Димитров вели дека поради непланирано работење и ненавремено интервенирање, непланирано е потрошена водата од езерата и реките и сега поради таа несериозност сме соочени со проблем.

„Се фалевме пред две години дека сме извезувале електрична енергија во период кога моравме да штедиме, а сега ќе бидеме приморани да купуваме поради ненормално испорачување на вода. Шпиље или Дебарско Езеро станаа река, го испуштивме Тиквеш, се поради непланирано работење и во невреме, непланирано ја потрошивме водата и сега сме соочени со проблем“ вели универзитетскиот професор Константин Димитров