Непознавање на правната регулатива – Исклучиво во насока на немање одговорност за правото на живот

Премиерот има за обврска да ги штити интересите на граѓаните, произлезено од Уставните гаранции, произлезено од улогата и значењето на политичкиот систем и раководење со државата, произлесено и од програмските определби, а на основа кои е избрана Владата од страна на Собранието. Истовремено, а на основа Уставните определби, Владата утврдува начела и за работа на министерствата и врши надзор над нивната работа.

Во тој смисол, Уставот на Република Македонија предвидува дека „Член на Владата има право да поднесе оставка“, за кое нема толкување и самото по себе подразбира дека тоа е негово право и никој не може да му го ускрати тоа право. Тоа произлегува од Уставните категории дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, дополнето исто така со Уставните категории дека на секој граѓанин му се гарантира почитувањето и заштита на приватноста, на достоинството и угледот.

Во истата одредба, Уставотворецот децидно предвидел дека „За предлог за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница“. Истовремено, Предлогот за разрешување, а кој произлегува од дадената оставка од страна на Министерот за здравство, Предлог-Одлука до Собранието може да биде поднесен и од опозицијата, а не само од Премиерот.

Изнесното произлегува од ставот на законодавецот во делот на тоа кои Акти ги носи Владата, исто така децидно предвидувајки го Заклучокот на Владата, а кој се однесува на завземање ставови и по материјали што до Собранието ги поднесуваат други овластени предлагачи.

ВМРО-ДПМНЕ преку своите пратеници претставува овластен Предлагач за процесуирање на Оставката на Министерот за здравство до Претседателот на Собарнието, а кој има за обврска истата да ја постави на дневен ред на првата наредна седница без никакво образложување околу таа точка, а секако и без никакво толкување ниту за законски норми, ниту на подзаконски акти во делот на тоа дали Претседателот на Собранието треба истата да ја постави на дневен ред – тоа е негова обврска.

Истовремено, Министерот за здравство својата Оставка ја поднесе од морални причини, иако имаше за обврска тоа да го стори многу порано, а со оглед на состојбите во здравството, па Премиерот има за обврска ваквата Оставка да ја достави до Собранието и на основа одредбите од Законот за Влада, а кои одредби ја предвидуваат обврската на Владата да ги следи и анализира состојбите за остварување и унапредување на човековите права, но сега ја има обврската и на основа доставениот Предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Имајки предвид дека Уставот го предвидел Правото на живот како неприкосновено право, па губитокот на човечки животи во околности какви што беа во модуларната болница во Тетово, секако го става моралниот чин како основ за поднесување на оставка. Дали модуларната болница ги исполнувала елементарните услови за работа, а во насока на зачувување на животот на пациентите, ќе покаже истрагата, но исходот од таа истрага ќе значи исклучиво постоење и на друга одговорност, а не само морална одговорност.

Заради тоа, ставот на Премиерот дека најпрво ќе ги чека резултатите од истрагата, на никаков начин не се поврзани со моралната одговорност, но истите се во спротивност со правото на граѓанинот да одлучува дали ќе врши јавна функција или нема да врши таква функција. Тоа право не може да му го ограничи, ниту да му го одземе никој, па ни премиерот, затоа што тоа е право на личен избор и лична одлука.

Наредниот услов, а за кој очигледно овој премиер не води никаква ниту сметка, ниту грижа, се програмските определби на партијата на која е претседател, а кои исто така произлегуваат од ставовите на законодавецот изразени повторни преку Законот за Влада, а преку кои децидно законодавецот предвидел дека Претседателот на Владата го насочува дејствувањето на Владата во согласност со програмските определби што таа ги утврдува.

Програмските определби на оваа Влада беа дека истата ќе се грижи за здравјето и безбедноста на граѓаните, но губењето на животи во такви околности како во модуларната болница во Тетово ни приближно не претставуваат ниту грижа за животот на граѓаните, ниту остварување на програмските определби, а кои програмски определби се втемелени и во самото Министерство за здравство.

Во таа насока, а на основа Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев има за обврска оставката да ја достави до Собранието со Акт кој е во надлежност на Владата по однос на предлози доставени до Собранието од страна на овластени предлагачи, без никакви премиси на ограничување на тоа право. Венко Филипче има морална обврска, а на основа својата доставена Оставка, истата да ја достави и до Собранието и да се јави на првата наредна седница на Собранието, за кое појавување не му се потребни ниту предвидените 15 минути за обраќање, но потребни му се исклучиво 15 секунди за обраќањето, затоа што толку се доволни, а секое обраќање подолго од тоа би значело целосно маргинализирање на здравјето на граѓаните, а потоа и целосно маргинализирање на изгубените човечки животи.

Автор: адвокат Стојанче Геровски, магистер по меѓународна политика, за НетПрес