Непредвидливите украински избори го држат претпазлив Западот

Поддржувачите од Западот стравуваат во пресрет на неделните избори дека следниот претседател на Украина, кој и да биде, би можел да се покаже немоќен или без волја за спроведувањето на реформите на кои го поттикнуваат Киев веќе пет години од револуцијата.

Украинските претседателски избори во неделата се тространа трка меѓу актуелниот претседател Петро Порошенко, поранешната премиерка Јулија Тимошенко и комичарот Володомир Зеленскиј. Западните дипломати стационирани во Киев велат дека сите тројца предизвикуваат сомнежи во тоа колку ефикасно може да ги забразаат реформите и да се борат против вкоренетата корупција.

„Со Порошенко знаеме на што сме. Мислиме дека знаеме што би можеле да добиеме со Тимошенко. А со Зеленскиј немаме поим… Сите тројца имаат недостатоци… Нема кандидат за коишто можете да кажете ‘Тоа е тоа’“, рекол еден од нив Reuters барајќи да остане анонимен.

Украина е на линијата на судирите меѓу Западот и Русија откако со насилните протести пролетта 2014 година и без почитување на договорот за реформа на политичкиот систем со претходникот на Порошенко, лидерот на Партијата на регионите, Владимир Јанукович, за кој гаранти беа Германија, Франција и Полска, беше изведена револуцијата со која Киев беше истргнат од орбитата на Москва. На тоа Русија одговори со признавање на референдумот и присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим, а рускојазичното и руско мнозинство во Донбас се побуни по носењето на законот за јазиците со кој рускиот го загуби статусот на официјален. Војната во Донбас влегува во петтата година и Украина се овој товар не може да ги реализира своите надворешнополитички интереси и да им се приближи на ЕУ и НАТО.

Неколкуте кругови санкции против Русија покажуваат дека Западот стои зад украинската страна, но се чини недоволно, а сега го губи трпението поради бавниот реформски процес и слабата борба со раширената корупција за што вината ја префрла врз Киев. Покрај тоа, и внатрешните проблеми во Европската унија, како што е прашањето на хаотичниот брегзит, го поттикнуваат јакнењето на она што се нарекува „замор од Украина“. Во идеалното сценарио, ЕУ ја посакува Украина, голем сосед на својата источна граница, како стабилна демократија која го почитува владеењето на правото и способна самата да се справува со Русија.

Западот истовремено стравува и дека неизвесната изборна трка е одбележана со обвинувања за изборни измами и масовни протести. Вашингтон и Брисел особено предупредуваат дека Киев ризикува да го потроши добрата волја и симпатиите кои ги има од 2014-та и оти украинската влада калкулира дека ќе добива поддршка како изразен антируски елемент без разлика на сѐ што презема.

Испитувањата на јавното мнение во Украина предвидуваат дека Зелинскиј сигурно ќе има најголем број гласови во првиот круг, а за второто место и влез во вториот круг се борат Порошенко и Тимошенко.

Актуелниот претседател Петро Порошенко е фален поради тоа што успеал да одржи извесна кохерентност на Украина по хаотичната ситуација по отцепувањето на Крим и вооружениот бунт на југоистокот од земјата, затоа што ја зајакнал армијата и ги протурка реформите во банкарскиот и енергетскиот сектор. Неговите антикорупциски потези, меѓутоа, не дадоа никакви резултати и очигледната култура на неказнивост на финкционерите на високи позиции го чинеше губење на значителен дел од поддршката на избирачи. Сепак, имајќи ја предвид „сиромашната“ понуда меѓу тројцата неубедливи кандидати, за Брисел Порошенко е веројатно најмалку лошиот избор.

Порошенко, како што оценуваат на Западот, има многу јасна линија, барем декларативно, во давањето отпор кон Русија и проближувањето кон Европската унија. Во Брисел потврдуваат дека „не е идеален“, но и дека го познаваат бидејќи соработувале со него изминатиот период. За ЕУ клучно е следниот украински претседател да ја задржи реформската агенда, бидејќи многу вложила во тоа, а предупредуваат дека без такво нешто и уште повеќе без цврсто спротиставување на Русија, односите со Киев ќе назадуваат.

Токму спротивно од Порошенко, Зелинскиј е потполна непозната за Западот. Тој како нов лик на политичката сцена и фактот дека нема никакава политичка заднина станува привлечен за гласачите, особено меѓу младите кои се особено разочарани од сегашниот политички естаблишмент. Неговите противници го обвинуваат дека е марионета, но без да кажат чија. Прашањето што си го поставуваат на Западот, пак, е дали доколку победи на изборите ќе сака и ќе може драстично да ги зголеми напорите во борбата против корупцијата.

На состанокот со еввропските амбасадори во Киев во февраури, Зелинскиј не оставил лош впечаток, но покажал дека е неискисен и оти му недостига суштина. Европејците се надеваат дека доколку победи ќе се опкружи со реформатори кои знаат повеќе од него, бидејќи од него „не очекуваат многу“ поради изостанување на политичкото искуство, но му порачуваат дека ќе судат единствено според резултатите.

Во Брисел назначуваат дека Зелинскиј не им дал одговори, како и другите негови ривали, но и оти поради тоа не го отрфлаат иако не изнел никаква политичка визија. Дури и покрај неоспорната интелигенција и најдобрите намери, се проценува дека тој како политички дебитант и без партија зад него која би имала пратеници во парламентот, би се мачел да ги оствари своите намери.

Јулија Тимошенко, поранешната премиерка во два мандата, во Брисел, исто така, предизвикува измешани чувства. Европската унија ја поддржуваше кога Јанукович ја затвори поради проневери и врски со криминални структури и настојуваше таа да биде ослободена, но нејзиниот договор за гасот со Русија кој Западот го оцени како лош и од неодмна нејзината антиреформска реторика ѝ го намалија угледот кај Европејците, за кои Тимошенко го загубила „маченичкиот ореол“.

Украинските избори ЕУ ги оценува како компетитивни поради учество на повеќе кандидати, но се стравува дека мртвата трка меѓу споменатата тројка може да разгори меѓусебни обвинувања за местење на изборните резултати и улични протести кои во Украина неретко завршуваат со насилства. Порошенко имено на неодамнешниот состанок со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и на Европскиот совет, Доналд Туск во Брисел рекол дека повторно може да победи на изборите. Но челниците на ЕУ му порачале дека треба да обезбеди во прв ред изборите да бидат чесни.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.