Избори мора да има и ќе има, но не по цена на животот и здравјето на граѓаните. Дали ќе се случат во јули, август или септември, тоа треба да кажат бројките во однос на заразени и починати лица. И со тоа нема калкулации, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во Отворено студио на Телевизија 24.
Јанушев истакна дека власта зборува само за датум во исто време кога не го прави тоа што треба да го работат и да ги заштитат граѓаните.
„Зборуваме за здравје и живот на граѓаните. Денеска починаа тројца луѓе и 38 се заразени. Да влегуваме во кампања 2 или 5 дена после ова во која ќе треба да се изложиме сите ние и сите во државата да ги изложиме на ризик е неприфатливо.“ рече Јанушев
По однос на прашањето дали Џафери може да потпише нов датум, за избори, Јанушев вели дека и минатиот пат прво се распушти Собранието, па беа распишани избори.
„Прво се изгласа распуштање на Собрание па потоа Џафери распиша избори, го потпиша решението. Ако одиме по логиката дека Џафери сега нема право да потпише нови избори, тогаш се наметнува прашање како го потпишал првото кога тоа го направил после моментот на самораспуштање на Собранието Има разлика во однос на функционирање на Собранието како колективно тело со сите свои надлежности и функционирањето на Џафери, неговата функција во управна постапка. Тој го има целото право да го потпише решението како индивидуален поединечен акт со кој што ќе го определи датумот на изборите. Дури по определувањето на датумот на изборите ДИК може да направи роковник.“ нагласи Јанушев.