Неразјаснетите тајни на локалитетот Грамади кај село Разловци

Локалитетот Грамади што се наоѓа над селото Разловци е еден од локалитетите што по својата мистериозност крие големи тајни, значајни за македонското културно-историско наследство. За ова во многу наврати досега се појавиле индиции, преку неколкуте археолошки истражувања и предметите што се најдени на ова подрачје. Кустосот Славчо Десподов од Делчево, заедно со група експерти од Музејот на Македонија, бил дел од тимот што пред 16 години вршел ископувања кај месноста Грамади, каде што во 2003 година се пронајдени значајни артефакти.

– Локалитетот Грамади или Горно Поле е место што се наоѓа во близина на востаничкото село Разловци, место каде што во 1876 година е кренато првото македонско востание познато како Разловечко. Ова место мештаните го викаат Грамади најмногу поради огромниот број камења, кои се наоѓаат расфрлани на сите страни, а исто така е познато и како Старо Село, бидејки Разловци било на ова место, а подоцна е преселено на местото каде што се наоѓа сега. За овој локалитет што се простира на неколку хектари, не само што има индиции туку во 2003 година, во соработка со Музејот на Македонија, е извршено ископување со средства од Министерството за култура, и тоа од страна на стручни лица, сега покојниот Кирил Трајковски и Златко Видеовски, и двајцата археолози од Музејот на Македонија. Зад мене се наоѓа сонда, која беше ископана во 2003 година и во која се најдени артефакти, меѓу кои и една луцерна (светилка), во подножјето на овој ѕид, кој е остаток од некоја градба, вели Десподов.

Околу месноста Грамади се наоѓаат повеќе возвишенија и ритчиња, кои кријат научни сознанија и кои, како што додава Десподов, кријат и артефакти преку кои може да се дојде до сознанија дали на ова место се наоѓа стариот град Равен, кој бил центар на Брегалничкото Кнежевство. Равен, според историчарите, бил град во кој престојувал свети Методиј, кој бил кнез на Брегалничкото Кнежевство.

– На овие пространства што се простираат на самиот брег на реката Брегалница, освен оваа сонда што беше ископана, на 100 метри погоре се наоѓа и црква, која се претпоставува дека се викала „Свети Никола“ и на која сè уште има остатоци од гробови. Од кој период е црквата и од кога датира стручната јавност треба да си го каже својот збор. Индиции постојат, постојат информации, артефакти и докази, едноставно само треба надлежните институции да преземат мерки да се утврди дали се работи за градот Равен, центар на Брегалничкото Кнежевство, каде што престојувале светите браќа Кирил и Методиј и каде што на светата вода, која се наоѓа само на неколку километри одовде, во испосничка ќелија свети Кирил или Константин Филозоф ја пишувал првата словенска азбука, додава Десподов.

Десподов со тврдење дека постојат реални шанси локалитетот Грамади да биде местото каде што се наоѓал градот Равен. Ова го темели на фактот што во близина на местото каде што се претпоставува дека престојувал св. Методиј од 845 до 854 година се наоѓаат утврдувања што служеле како одбранбени појаси.

– На влезот на ова поле, на оваа низина што се простира по реката Брегалница, постоел одбранбен ѕид што се простирал од планината Голак до планината Средна, на другата страна на реката Брегалница, и постојат такви ѕидови на другата страна на планината, каде што се наоѓал градот Браниград, тоа е во атарот на селото Истевник, а во средината на планината Голак се наоѓал уште еден град, наречен Лошан Град, кој служел за безбедносно опстојување на овој град Равен. Со тоа фактички градот бил обезбеден од сите страни, од едната страна бил заштитен со високи планини и ридови, само од една страна, односно од местоположбата кон Делчево и село Тработивиште, имало можност да се влезе во оваа котлина пространа на брегот на реката Брегалница, додава Десподов.

Земјиштето во близина на месноста Грамади мештаните не се во можност да го обработуваат бидејќи, како што дообјаснува Десподов, таму се наоѓаат камени подлоги под земјиштето што, според него, претставувал центар на градот Равен, за што сведочат и голем број пронајдени садови, карактеристични за тоа време.

– На ова земјиште се пронајдени голем број питоси, таканаречени врчви, кои фактички се наоѓаат во сопственост на мештаните од село Разловци. Исто така најдени се голем број монети и керамички предмети, кои, за жал, се наоѓаат во домовите на мештаните или се изнесени во странство преку илегални ископувања. Овој локалитет, освен сондажата што беше правена, т. е. археолошкото ископување во 2003 година, не се наоѓа на археолошката карта на Македонија, а карактеристичен е и податокот што на овој локалитет, како што кажав, престојувале браќата Кирил и Методиј, дека кнез бил Методиј и дека под ѕидините на Равен, според историските докази и историските документи, се смета дека била водена битка помеѓу бугарскиот хан Пресијан или во историските податоци се спомнува Персијан и кнез Методиј. Во таа битка под ѕидините на градот Равен умрел во борбите и самиот хан Пресијан со неговите синови. Иако во Панонските легенди не постои податок кога Методиј го напуштил градот Равен и заминал на планината Олипм во Мала Азија, се претпоставува дека тоа е по 852 година, кога е битката помеѓу хан Пресијан и кнезот Методиј и дека по таа битка, кнез Методиј и неговиот брат Кирил заминуваат во манастирот Полихроно во Мала Азија, од каде што потоа поминуваат на Моравската мисија во Чешка, Словачка и во Панонија.

За ова, како што вели Десподов, говорат легендите, но и кажувањата на бугарскиот историчар Јордан Иванов и српскиот археолог и историчар Јеремије Павловиќ, за кои постојат индиции дека светите браќа Кирил и Методиј престојувале во близина на оваа месност. Според нивните кажувања, на местото Свети Води постоела испосничка ќелија каде што се претпоставува дека Кирил ја пишува и првата словенска азбука глаголицата. Сепак, да се потврди сето она што го крие локалитетот Грамади, како што додава делчевскиот кустос Славчо Десподов, треба пошироката јавност или стручните институции сериозно да се позанимаваат со истражување околу овие индиции, со што би се докажало и дали градот Равен се наоѓал во близина на засега сè уште неоткриениот локалитет Грамади, кој, според Десподов, чува големи тајни.