Нерепрезентативна „Стопанска комора за енергетика“, шири паники и лажни вести

Подолг период во јавноста се пласираат соопштенија од нерепрезентативна „Стопанска комора за енергетика“, која пак се претставува како релевантна институција во енергетиката и шири лажни вести поврзани со енергетскиот сектор. Оваа комора, ставовите ги презентира само преку еден човек, Ѓорѓи Манасков, и тоа со објави на социјални мрежи и соопштенија.

Во интерес на граѓаните, треба да се напомене дека оваа Комора не е дел ниту од Стопанската комора, ниту од Сојузот на стопански комори.

Во рамки на Стопанската комора која ја предводи Бранко Азески, постои „Македонска енергетска асоцијација – МЕА“ во која членуваат најголемите приватни компании во земјата кои се занимаваат со производство, снабдување и трговија со електрична енергија.

Во ССК, на чие чело е бизнисменот Трајан Ангелоски, исто така постои групација за енергетика, која го носи називот „Групација за енергетска ефикасност и производство на енергија“.

Во групацијата на ССК, повеќе членуваат помали производители на електрична енергија и најчесто оние кои се бават со зелена енергија. Сепак и овде како и во Стопанската комора на Македонија, не членува никаква Стопанска комора за енергетика.

Стопанска Комора за Енергетика не е регистрирана ниту во Министерството за труд и социјална политика, каде коморите се застапени како претставници на работодавачите, ниту во некоја од државните компании и регулатори во областа на енергетиката.

Обично објавите на „Стопанската комора за Енергетика“ се насочени кон тоа да шират паника во енергетскиот сектор, а се забележуваат и континуирани напади кон ЕВН Македонија, компанија која дистрибуира електрична енергија до нашите домови. Последна таква објава од наводната „Стопанска комора за Енергетика“ во јавноста беше проследена денеска, во која се иницира „референдум за враќање на електродистрибутивната мрежа во државна сопственост“.

Изминатиот период, од оваа Комора објавуваа информации дека на граѓаните им се краде преку нивните броила, без да приложат ниту еден доказ. Потоа, се одеше со обвинувања од типот дека во Арачиново не се интервенирало бидејќи се краде краде струја, туку затоа што наводно требало на граѓаните да им се монтираат  броила со кои ќе им се наплатува повеќе.

Во исто време, од истата комора се заговара и дека на ЕВН Македонија треба да и се одземе дозволата за работа затоа што на граѓаните им фактурира „дистрибуција на електрична енергија“ односно мрежарина, нешто што им беше наложено да го фактурираат од страна на Регулаторната комисија за Енергетика.