Несериозни препораки на МОН – Владата ги усвојува препораките за училиштата

Деновиве бевме сведоци на „прес конференција“ на министерот за образование Јетон Шаќири во која истиот како во римско време обзнани важна вест од кралството – Владата:

„Владата ги усвоила десетте препораки на МОН за училиштата за подигнување на безбедноста во училишните објекти“.

Како што наведува министерот, тие десет препораки биле плод на еден широк процес на консултации со добиени сугестии од „академската фела и експертска јавност“. Дали знае министерот, кој патем е и доктор на науки, значи има поим од научно – истражувачка работа, што значи широк процес на консултации и колку време траеле тие консултации??? Не е спорно дека во овој случај постоеше потреба од итна интервенција и дејствување! Но, да се потенцира дека имало широк процес е малку набиена агенда, измислена именка, затоа што од нешто што набрзина со една две средби го реализирале министерот Шаќири сака да прикаже дека ние не знаеме што е широк процес, консултации, сугестија???

На оваа екскурзија од министерот се надоврзува целосна несериозност од страна на Владата која ги прифатила препораките на Јетон Шаќири, кој е плод на една мала група на луѓе кои дале некои сугестии. Тие препораки од една мала група т.н експерти, не произлегуваат од самите училишта, каде ги гледаат излезните решенија и со кои проблеми се соочуваат, каква е училишната организациона поставеност. Соработката со родителите, општината… Каква е соработката на училиштето со меѓувладините институции на општинско и централно ниво? Какви превентивни мерки се превземени и треба да се превземаат? Таква анализа министерот нема и не презентирал пред Владата, за да се донесат сериозни и обврзувачки задолженија, а некои да бидат и преточени со законски измени и дополнувања. Препораките изнесени од министерот за образование, а кои Владата ги усвоила, за подигнување за безбедноста на училишните објекти, се формални, несериозни и препораки кои во самиот старт ќе згаснат. Како што ми се чини, освен пресот на министерот никој веќе и не ги споменува овие препораки, ниту пак има анализа дали се имплементираат и какви резултати даваат.

Министре, дали предложените препораки (заклучоци нема) до Владата, се врз основа на аргументи и факти или паушални сугестии??? Мислам тоа е ова второто паушални и неаргументирани. Дали планирате да спроведете истражување на состојбите во училиштата, нивната безбедност, која агенција ги обезбедува, какви се тендерите и дали се исполнуваат услугите на обезбедување согласно тендерската документација или пак има злоупотреби???

Само да Ве потсетам Вас во МОН и Владата!

Насилството меѓу децата-учениците во воспитно-образовните институции несомнено е стара појава. Па така, секоја нормална држава покрева општа национална кампања за решавање на проблемите на насилството, жртвите, за што нормалните држави превземаат  посебни активности и мерки.

Моите истражувања во студијата за „Воспитанието и образованието за правата на децата во Република Македонија“, а спроведени од страна на УНИЦЕФ, покажуваат дека злоупотребувањата се случуваат и во рамките на образовниот систем.

Па така:

„Посилните момчиња ги тероризираат послабите девојчиња и честопати тие се жртви на сексуална злоупотреба, понекогаш и наставниците стануваат жртви на насилство во рацете на учениците, како и обратно – децата се жртви на возрасните наставниците. Истата студија се однесува и на податоците од Владата на Република Македонија од 1998 година, кои покажуваат дека на 11-годишна возраст 15 проценти од девојчињата и 14 проценти од момчињата кај етничките Македонци и 16 проценти од девојчињата и 21 процент од момчињата кај етничките Албанци се предмет на злоупотреба во училиштата. Исто така, податоците од студијата од 2007 година покажуваат дека 6 проценти од девојчињата и 16 проценти од момчињата кај етничките Македонци, и 20 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата кај етничките Албанци повремено учествуваат во злоупотребата на другите деца во училиштата.

Затоа господа од МОН вашите препораки се формални и несериозни непоткрепени со факти, и затоа е потребно да ве потсетам.

За жал, образовната практика покажува еден голем расчекор во образованието, односно запоставување на воспитната компонента. Слободно можам да констатирам дека со години се гледа повеќе на образовната компонента отколку на воспитната компонента во образованието. Воопшто не се занимаваат наставниците и стручните служби (педагог, психолог, итн.), со потребите на децата. Сведоци сме на врсничко насилство на ученици, малтретирања, понижувања, исмејувања и сл. На сето тоа треба да работат службите, треба да имаат контакт со родителите, тоа е многу важно, не смее да има запоставеност на децата. Значајни се активностите на одделенскиот час, секој наставник треба да биде педагог. Не е суштината само да се предаде материјалот и да се стави оценка. Запоставувањето на децата во училиштата мора да се искорени. Треба да има посебни интервентни програми за работа и дејствување. За жал, тоа го нема кај нас. Нема такви програми, по кои треба да дејствуваат и работат, како во училиштето така и во слободните активности и во самото одделение. Запоставена е и соработката со родителите.

Што можеме да направиме за спречување на насилството

Насилството подобро е да се спречи, отколку да се лечи како негативна појава во поведението. За таа цел потребно е индивидуално да се запознае секој ученик од одделението-класот, односно училиштето. Ученик, кој изразува и манифестира негативно поведение. Како резултат на тоа, повеќето од нив укажуваат на фактот и потребата од изготвување на ИНТЕРВЕНЦИСКИ ПРОГРАМИ на ниво на училиште, на ниво на одделение-клас и на индивидуален степен на ученикот, кои треба да бидат кординирани на ниво на општина меѓу општини и на државно ниво.

На ниво на интервенциска програма на училиште пожелно е да има прашалници:

  • училишни состаноци во врска со проблемите на насилници и жртви;
  • контрола во текот на одморот;
  • контрола на детско-ученичките престојувања и игралишта;
  • телефонски разговори со родители и ученици;
  • состаноци на наставници и родители;
  • наставничка група која работи на развивање на општественото-опкружување во училиштето и
  • родителски средби.

Програми за одделение-клас:

  • одделенско-класовните прописи против насилствата;
  • поведение, пофалби и казни;
  • редовни одделенски-часовни состаноци;
  • играње на улоги на поведение во одредени ситуации;
  • соработничко учење;
  • заеднички позитивни одделенско-класовни дејности;
  • одделенски часовни состаноци;
  • наставник-ученици;

Индивидуални програми:

  • содржински разговори со насилниците и со жртвите;
  • содржински разговори со родителите на насилниците и жртвите;
  • помош на „неутралните ученици“ со укажување;
  • помош и подршка на родителите (со соодветна литература и периодика за родителите која недостасува);
  • промена на одделението или училиштето (како крајна мерка);

Во прилог на изнесеното, сакам да напоменам дека во училиштата каде што се применуваа, даваат забележителни ефекти во: поведението, социјализацијата и намалување на насилството, поконкретно злоставување на патот кон училиштето и од училиштето, не е изразито. Намалено е поведението на вандализам, на тепање, крадење, неоправдани изостаноци и слично како и подобрување на училишната клима во одделението во редот дисциплината и односот према учењето и училиштето, и забележано е задоволство на учениците во училишниот живот.

Види повеќе: Насилството меѓу децата-учениците во училиштата

Формалната соработка – неефикасност на институциите

Смешна и несериозна е препораката на МОН, каде што бара со укажување да Државниот совет за превенција на детското престапништво им достави информација за работата на општинскиот совет за превенција, и во наредниот период да ја засили комуникацијата со МОН во насока за превземање активности за градење клима на доверба и добросостојба во училиштата…

Почитувани читатели, Државниот совет за превенција на детското престапништво го предлага Министерството за правда. Имено, Државниот совет е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Република Македонија со мандат од пет години, со право на повторен избор од кои:

  • седум (7) члена на Државниот совет ги предлага Министерството за правда и има преставници од Министерството за правда, МТСП, МОН, МВР, Јавното обвинителство на Македонија, Врховен суд на Македонија и Адвокатска комора. Ова е факт и доказ, дека преставникот на МОН соработува или не во Државниот совет. Може да се претпостави дека Државниот совет нема меѓуресорска комуникација или не  соработува.
  • Осум (8) члена на Државниот совет се избираат по пат на јавен оглас, од редот на истакнати научни и стручни работници кои работат на заштитата на интересите на децата од кои еден преставник е и од редот на невладина организација за заштита на децата.

Претседател на Државниот совет за превенција на детското престапништво, кој го предлага Министерството за правда е Елизабета Талевска, Потпретседател е Цена Чаловска, членови се: Ваљдета Вукељ, Соња Груевска, Љубинка Угриновска, Зоран Киткањ, Љулзим Хамиди, Валентина Димовска, Диме Каракулев и Гордана Лажетиќ… сите имаат владини канцеларии… Што работаат? Колку земаат парични надоместок за работата? Зошто никаде ги нема за настаните кои се случуваат по училиштата и за разните престапништва? Има многу прашања? Одговори треба да дадат преставниците на министерствата. Што работат? Дали ќе има одговорност? Дали има транспрантност во работата на овој совет што претставува основно начело на демократијата? Дали се појавиле во јавноста и јавно објасниле што сработиле? Дали покрај толку многуте членувања во комисии кои се добро платени имаат време секаде пооделно да се посветат вистински? Одговорност нема и нема да има? Одговорност има само во нормални и правни држави. За жал, ние тоа не сме!

Или, што работи Националното кординативно тело за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставеност и насилство со кој претседава Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а во него членуваат преставници членови и заменици членови од МТСП, МВР, МОН, Министерствто за здравство, Министерството за правда, ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, ЈУ Завод за ментално здравје на деца и младинци, ЈУ Завод за социјални дејности, и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Првата детска амбасада „Меѓаши“, СОС Детско село, Здруженија за заштита на правото децата и Советот за превентива против малолетна деликвенција – Кавадарци… Што работи и ова Национално кординативно тело во практиката? Каде се практичните резултати по институциите и во училиштата? Нема померувања во активностите повеќе децении. За жал, вистината е таа повеќето од членовите како Лазар Нанев, Гордана Лажетиќ и други се залагаат и се приклучуваат на разни проекти за кои верувам дека им се плаќаат високи хонорари и преку кои членувања си ја билдаат својата репутација. Се сомневам дека нивниот активитет е најмалце за општите интереси и конкретни Програми за реализација на заштита на децата. Просто незнам од каде наоѓаат време секаде да стигнат: предавања на факултет, менторства на магистранти и докторанти, членство во работни групи во Министерство за правда за измени и дополнувања на закони, пишување трудови, судења, вршење функција претседател на суд, лица кои го дигитализираат македонското судство… И каде ли уште не?! Како не им е непријатно да се внесени во секој ходник од институциите???

За жал, ова Национално кординативно тело или Државен совет или други тела, треба да имаат конкретни практични активности, а праксата покажува дека немаат никакви практични резултати.

Ќе дојде време на одговорност и јавно прикажување на сите финансии кои се исплаќаат за членување во владини тела и институции. Брзо доаѓа тоа време.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес