Нешто смрди во истрагата за инцидентот со усмрдените пелени

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас во врска со настанот што се случи на 19.09.2018 година, кога по дојава на жители од зграда во скопската населба Аеродром, во стан во истата зграда беше откриено дека семејство со едно малолетно дете живее во исклучително лоши хигиенски услови.

Предметот е оформен во насока на проверка дали детето кое што живее во станот со неговата баба  е запоставено од неговите родители. Во таа насока, Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба до СВР-Скопје да ги направи сите неопходни проверки со родителите на детето. Воедно, од Центарот за социјални работи на Град Скопје беше побарано да формира стручен тим, кој ќе изготви детален извештај за семејството во кое живее детето. Тимот ќе треба да провери дали семејството до сега било пријавувано во Центарот, дали било интервенирано од нивна страна и дали има пропусти во грижата на родителите за развојот на детето. По направените проверки и обезбедените докази ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, велат од ОЈО.

По информациите на ОЈО не е јасно дали станува збор за истиот стан во кој биле пелените, кои предизвикаа евакуација на првиот влез од „Скопјанка“, а во кој живее сама жена.

Според Министерството за труд и  социјала, специјалиизран тим на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа констатирало дека во станот во кој имаше купишта пелени живее сама 65  годишна жена. До месец јануари оваа година со неа живеела нејзината 90 годишна мајка која починала. Социјалните работници не се стручни да дадат мислење за здравствената состојба на жената, а во однос на социјалниот аспект констатирано е дека жената има ќерка која согласно со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа и според нејзина изјава повремено ја посетувала мајката. Жената е корисник на пензија и има стан во нејзина сопственост.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.