Нетанјаху најави дека ќе побара парламентарен имунитет

Израелскиот премиер на заминување Бенјамин Нетанјаху, кој се соочува со трите обвиненија, најави во средата дека од парламентот ќе побара имунитет поради што постапката против него може да се продолжи со месеци.

Во ноември Бенјамин Нетанјаху беше обвинет за мито во случајот наречен „случај 4000“, за измама или „случај 2000“ и за нарушување на довербата или „случај 1000“. Тој негира секакво прекршување и тврди дека е жртва на „лов на вешерки“, кој против него го водат медиумите и левицата. Израелскиот државен обвинител, или како што официјално се нарекува правниот советник на владата на Израел, Авихаи Манделблит го испрати обвинението против Нетанјаху до претседателот на Кнесетот (парламентот) на 2-ри декември. Потоа, премиерот имаше 30 дена за барање на имунитет, а тој рок истекуваше денеска навечер.

Судската постапка не може да започне доколку се побара имунитет, а Нетанјаху ја објави својата одлука во говорот на телевизијата, неколку часа пред истекувањето на рокот. Во своето обраќање рече дека обвиненијата против него се политички мотивирани и дека има право на заштита од парламентот.

„Сакам да ја водам владата на Израел уште долги години. Според законот, имунитетот секогаш е привремен. Имунитетот им дава на народните избраници привремена заштита од судот. Тој трае до завршувањето на мандатот на актуелниот состав на Кнесетот. Доколку Кнесетот го затвори својот мандат по три месеца…, тогаш ќе заврши и имунитетот“, порача Нетанјаху.

Според аналитичарите, малку е веројатно дека парламентот ќе донесе одлука за имунитетот пред изборите кои се закажани за 2-ри март. Израел речиси една година е со преодна влада, бидејќи уште двапати по парламентарните избори не успеаја обидите да се формира коалициска влада.

Ова е првпат во историјата Израел на должност да има премиер кој е обвинет. Нетанјаху повторено обвинува за обид да се изврши пуч и остро го критикува израелското правосудство, и тврди дека полицијата врши притисок врз сведоците за неговите случаи.