Нетанјаху најави олеснување на планот за реформи во правосудството

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот најави олеснување на владиниот план за реформи во правосудството во очигледен обид да ги смири повеќе од двомесечните протести без преседан низ целата земја и стравувањата изразени од западните сојузници.

Најавата дојде откако американскиот претседател Џо Бајден му се јавил на Нетанјаху и, според Белата куќа, изразил поддршка за компромис за израелската уставна криза и за градење широк консензус.

Откако беше реизбран кон крајот на минатата година за шеф на една од најдесничарските коалиции во историјата на Израел, Нетанјаху се залага за промени во судството што ќе ѝ дадат поголемо влијание на владата во изборот на судии и ќе ја ограничат моќта на Врховниот суд да поништи некои прописи.

Израелската политичка опозиција сѐ уште не ја коментираше најавата за олеснување на реформскиот план. Лидерите на протестот го обвинија Нетанјаху за измама и се заканија со ескалација. Веќе разнишаниот шекел, израелската национална валута, падна за нови 0,4 отсто во однос на американскиот долар.

Со оглед на неговото парламентарно мнозинство, се чинеше дека Нетанјаху ќе го ратификува реформскиот пакет до прекинот на работата на Кнесетот (парламентот) на 2-ри април, но барањето мнозинство сега ќе биде одложено додека не се состане на 30-ти април.

Законот, кој сè уште е предвиден за ратификација во следните две седмици, ќе го разниша израелскиот метод за избор на судии – прашање во с’ржта на контроверзноста за реформите, при што критичарите го обвинуваат Нетанјаху дека се обидува да ја ограничи независноста на судовите.

Премиерот, кому му се суди поради обвиненијата за корупција што тој ги негира, инсистира дека бара рамнотежа меѓу разните лостови на власта. Во телефонскиот разговор во неделата, тој го уверил Бајден дека демократијата во Израел е здрава, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Нетанјаху ја повика опозицијата да размисли. Опозицијата вети дека ќе го бојкотира гласањето за ратификација во Кнесетот и предизвика улични протести кои стигнаа до редовите на израелската војска, која вообичаено е над политиката.

„Подаваме рака на секој кој навистина се грижи за националното единство и желбата да се постигне договор“, се вели во соопштението на коалицијата.

Активистичката група Црни знамиња (Black Flags) соопшти дека демонстрациите ќе се интензивираат и покрај најавата на Нетанјаху, која ја отфрли како „проѕирен обид да се успие протестот со убави зборови“.

Нетанјаху, исто така, се соочи со осуда од неговата конзервативна партија Ликуд кога еден од поактивните реформисти, Тали Готлив, го обвини за „капитулација“ во интервју за радиоот Ynet Radio.