Нетанјаху на пат пак да биде премиер на Израел

Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници ултра-националистички и верски партии се на пат да обезбедат стабилно мнозинство во парламентот (Кнесет), покажуваат резултатите од преброени повеќе од две третини од гласачките ливчиња.

Гласовите сè уште се пребројуваат, но доколку се точни прелиминарните показатели, Израел ќе има една од најдесничарските влади во својата историја со оглед на добриот резултат на вчерашните парламентарни избори на ултранационалистичката Верска партија, чии членови се познати по својата антиарапска и анти-ЛГБТК реторика.

Првичните резултати укажуваат на свртување кон десно на израелските гласачи, што дополнително ги намалува надежите за мир со Палестинците и создава услови за можен конфликт со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден и поддржувачите на Израел во таа земја, пренесе Бета.

Вчерашните избори беа петти во Израел за помалку од четири години, и како и претходните, главно се фокусираа на способноста на Нетанјаху да владее додека му се суди за корупција.

Поддржувачите на Нетанјаху го сметаат за жртва на „лов на вештерки“, додека неговите противници го обвинуваат дека е закана за демократијата и измамник.

Гласовите се пребројуваа цела ноќ и до рано утринава се преброени 80 отсто од гласовите и се предвидува дека Нетанјаху и неговите сојузници ќе имаат повеќе од 61 пратеник потребни за формирање влада.

Изборната трка беше тесна како и секогаш, но навестува дека Нетанјаху (73) повторно ќе биде премиер со солидно мнозинство во 120-члениот Кнесет.

Дури и ако Нетанјаху и неговите сојузници победат, сепак ќе бидат потребни недели преговори за формирање коалициска влада. Не се исклучува ниту можноста за продолжување на политичкиот ќорсокак и нов изборен процес.

Говорејќи во Ерусалим среде ноќ, Нетанјаху апелираше до поддржувачите да бидат трпеливи и рече дека тој и неговата конзервативна партија Ликуд се „на работ на голема победа“.

Можеби поради страв дека арапските гласачи би можеле да го спречат да победи, Нетанјаху на Твитер објави обвиненија за насилство и нерегуларности на арапските избирачки места, но не обезбеди докази и Централната изборна комисија ги отфрли како неосновани гласини. Нетанјаху подоцна побара изборите да бидат беспрекорни затоа што тоа е основата на демократијата.

Арапите сочинуваат 20 отсто од населението во Израел и беа клучен фактор за блокирање на Нетанјаху на претходните избори. Овојпат нивните гласови беа поделени меѓу три различни партии и секоја се соочуваше со опасност да не го помине изборниот праг.

Нетанјаху најдолго беше премиер во историјата на Израел, 12 последователни години и вкупно 15 години, пред да биде сменет минатата година од коалицијата предводена од лидерот на центристичката партија Јеш Атид (Има иднина) и националист, лидерот на партијата Јамина, Нафтали Бенет.

Во таа коалиција, во која беше вклучена мала арапска партија за првпат во историјата на Израел, избувнаа недоразбирања и таа се распадна по само една година на власт.

Партиите кои беа во неа се очекува да освојат околу 50 пратенички мандати, судејќи според првичните резултати.

Обраќајќи им се на приврзаниците рано утринава, Лапид (58) рече дека трката не е одлучена додека не се преброи последниот глас.

Трета по партиите на Нетанјаху и Лапид, е партијата Верси ционизам на ултрадесничарскиот политичар Итамар Бен-Гвир, која синоќа славеше во Ерусалим веејќи израелски знамиња.

Бен-Гвир е следбеник на расистичкиот рабин Меир Кахане чија партија беше забранета и прогласена за терористичка група во САД. Тој беше убиен во Њујорк во 1990 година.

Кахане повикаше на забрана на мешани бракови меѓу Арапи и Евреи, одземање на израелското државјанство на Арапите и протерување на голем број Палестинци.

За разлика од Кахане, Бен-Гвир е еден од најпопуларните израелски политичари и често се појавува во медиумите и повикува на поостар однос кон Палестинците.

Негови најголеми поддржувачи се младите ултраортодоксни Евреи, а живее на Западниот Брег и е поддржувач на проширувањето на еврејските населби, а своите арапски колеги во парламентот ги опишува како терористи.

Палестинскиот премиер Мухамед Штајех го нарече растот на израелската ултрадесница „природен резултат на растечките манифестации на екстремизам и расизам во израелското општество“.

Сепак, не се исклучува можноста Нетанјаху, доколку добие задача да формира нова влада од претседателот на Израел Исак Херцог, да бара други коалициски партнери.

Но, тоа не би му било лесно бидејќи неговите противници велеа дека никогаш нема да бидат со него во владата.

Се предвидува дека Ликуд на Нетанјаху ќе биде најголема партија со 31 пратеник, а Лапид ќе има од 22 до 24 пратенички мандати.