Нетанјаху: Новите барања на Хамас за договорот за заложници се нереалени

Предлогот за договор за ослободување на израелските заложници, неодамна соопштен од палестинското радикално движење Хамас, е нереален, велат од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Хамас продолжува да се држи до нереалните барања. Ажурирањето за ова прашање ќе биде претставено до воените и безбедносните кабинети во петок“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Предлогот на Хамас за прекин на огнот во Газа вклучува ослободување на израелските заложници во замена за слобода на палестински затвореници, од кои 100 кои отслужуваат доживотна казна.

Првичното ослободување на Израелците ќе вклучува жени, деца, постари и болни заложници во замена за ослободување на 700-1000 палестински затворениц. Вклучено е ослободувањето на израелските „женски регрути“.

Според последниот предлог, Хамас соопшти дека ќе се договори за датум за траен прекин на огнот по првичната размена на заложници и затвореници и дека рокот за израелско повлекување од Газа ќе биде договорен по првата фаза.

Групата соопшти дека сите затвореници од двете страни ќе бидат ослободени во втората фаза од планот.

Според радиото Кан, Хамас во четвртокот вечерта им ја доставил листата на предуслови до катарските посредници. Документот, наводно, бил доставен до израелскиот тим на преговарачи по состанокот на воениот кабинет, па министрите повторно ќе се соберат денеска.

Извор запознаен со содржината на документот вели дека новите предлози одразуваат одреден „позитивен тренд“ и „можен е договор“. Според Кан, Израелците на последните случувања гледаат „со внимателен оптимизам“.

На 12 март телевизискиот канал Ал Арабија објави, дека Хамас го прифатил планот за прекин на огнот предложен од САД во Појасот Газа. Според изворот, иницијативата на САД предвидува прекин на непријателствата во енклавата и постепено враќање на раселените лица во замена за ослободување на некои заложници, заробени од радикалите за време на нивниот напад врз Израел во октомври 2023 година. Делегацијата на Хамас се очекува да пристигне во Каиро во рок од неколку дена за да разговара за деталите од договорот, рече изворот. Следниот ден Хамас официјално ја демантираше оваа информација.

Се верува дека околу 100 заложници остануваат во Газа, заедно со телата на 32 лица, откако 105 од заложниците беа ослободени за време на еднонеделното примирје во ноември.

Меѓународните посредници се обидуваат да посредуваат за пауза во борбите по околу шест месеци војна, што го остави Појасот во урнатини, со раселени над 1 милион жители на Газа, неконтролиран глад и витална хуманитарна помош која бавно стигнува до цивилите од различни причини.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, вели дека над 31.000 луѓе се убиени, иако не прави разлика меѓу цивили и борци, а бројките не можат да се проверат независно.

ОН предупредија дека најмалку 576.000 луѓе во Газа се на работ на глад и расте глобалниот притисок врз Израел да дозволи поголем пристап за помош.

Тензиите се разгореа на Блискиот Исток на 7 октомври откако милитантите од радикалната палестинска група Хамас со седиште во Појасот Газа извршија ненадеен упад на израелска територија, убивајќи многу израелски жители кои живееја во близина на границата со Газа и киднапираа повеќе од 240 Израелци, вклучително и жени, деца и постари лица. Израел објави целосна блокада на Појасот Газа и започна со бомбардирање на енклавата и некои области во Либан и Сирија, како и копнена операција против Хамас во Појасот Газа. Судири има и на Западниот Брег.

Кон крајот на ноември 2023 година, Хамас објави договор со Израел, кој беше посредуван од Египет и Катар, за четиридневно хуманитарно примирје во Појасот Газа, кое стапи на сила на 24 ноември. Страните неколку пати го продолжија примирјето, но на 1 декември, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека Хамас го прекршил примирјето во Газа и отворил оган на израелска територија, што го поттикнало ИДФ да продолжи со борбените операции во Појасот Газа.