Нетанјаху по протестите се откажа од смената на министерот за одбрана

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот го повлече разрешувањето на министерот за одбрана Јоав Галант како одговор на масовните протести што избија по отпуштањето на Галант минатиот месец.

„Ќе работиме заедно на безбедноста на Израел“, изјави Нетанјаху во Тел Авив. Галант е член на партијата Ликуд на Нетанјаху, најголемата партија во шестпартиската коалициска влада.

Нетанјаху го разреши Галант откако министерот за одбрана повика на запирање на контроверзните судски реформи на владата. Веднаш следеа улични протести. Опозицијата го критикуваше овој потег со оглед на моменталната неизвесна безбедносна состојба во земјата, нарекувајќи го непрофесионален.

Во понеделникот Нетанјаху рече дека Израел се соочува со терористички напад, обвинувајќи ја владата на неговиот претходник Јаир Лапид за поткопување на безбедносните политики. Тој мислеше на договорот за поморската граница на Израел со Либан што владата на Лапид го потпиша ланскиот октомври. Нетанјаху тоа го нарече договор со радикалното либанско шиитско движење Хезболах, блиско на Иран.

Нетанјаху вети дека ќе ја врати безбедноста на Израел. Тој ја предупреди сириската влада на претседателот Башар ал-Асад дека ќе „плати висока цена“ за какви било натамошни ракетни напади врз Израел.

„Израел нема да дозволи исламистичката палестинска организација Хамас да ја постави својата инфраструктура таму“, рече Нетанјаху.

Ракети ги погодија минатиот четврток јужните области на Израел истрелани од Либан, а во петокот дојде и до ракетен удар врз цели во Сирија откако од нејзина територија биле истрелани проектили кон Голанската висорамнина којашто Израел ја окупираше во ткн Шестдневна војна во 1967 година.

Нетанјаху, исто така, вети дека ќе продолжи со судските реформи на неговата влада, додавајќи дека ќе бара широк консензус и ќе ги обезбеди правата на малцинствата. Сегашната израелска влада, која ја презеде функцијата на крајот на минатата година, се смета за најдесничарската во израелската историја.