Нетанјаху размислува за можно замрзнување на реформите по масовните протести

Израелската влада дебатира за замрзнување на нејзината контроверзна планирана судска реформа, откако масовните протести избија во неделата навечер, објави дневниот весник The Jerusalem Post во понеделникот наутро.

Десетици илјади луѓе спонтано се собраа во Тел Авив за да протестираат поради тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чиишто клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена. Во Ерусалим гневните демонстранти наводно ја пробиле блокадата во близина на резиденцијата на Нетанјаху, иако не е јасно дали 73-годишниот премиер бил таму.

Со оглед на ситуацијата, Нетанјаху свикал итен состанок. Според The Jerusalem Post, разговорите што започнале во неделата доцна ноќта продолжиле до раните утрински часови во понеделникот. Лидерите на екстремно десничарската коалициска влада на Израел треба да се сретнат подоцна во понеделникот во кабинетот на премиерот, објави порталот ynet. Извор на Ликуд изјавил за Reuters дека Нетанјаху најверојатно ќе ја запре реформата.

Израелскиот претседател Исак Херцог ја повика владата да ги запре контроверзните планирани судски реформи, откако земјата беше потресена од насилни протести и во неделата вечерта.

„Во име на единството на израелскиот народ, во име на одговорноста, ве молам веднаш да го запрете законодавниот процес“, напиша Херцог на Twitter во понеделникот рано наутро, во апел до екстремно десничарската коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Луѓето ги обзема длабок страв“, наведува Херцог додавајќи дека „загрозени се безбедноста, економијата и општеството на Израел“.

САД, традиционалниот израелски сојузник, изразија длабока загриженост и повикаа на итен компромис по избувнувањето на протестите во Тел Авив.