Околу половина од околу стотината заложници кои припадниците на фракциите на палестинското милитантно движење Хамас ги држат во Појасот Газа од минатата година се сè уште живи, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесуваат израелските медиуми.
Нетанјаху зборувал за ситуацијаа со заложниците во текот на состанокот на парламентарните комисии за надворешни работи и за безбедност во Ерусалим, јавуваат медиумите. Официјална потврда за неговата изјава нема, бидејќи се работело за затворена седница.
Во нападот без преседан врз воени бази, кибуци и градови во јужен Израел ланскиот 7 откомври, припадниците на Хамас убија повеќе од 1.200 луѓе, од кои речиси 900 се цивили на различни возрасти и зедоа 250 заложници, на кога Израел по неколку часа одговори со сеопфатна инвазија во палестинската енклава започнувајќи ја војната која сѐ уште трае и во која според палестински извори убиени се најмалку 45.000 лица, од кои две третини се жини и деца.
За време на прекинот на огнот ланскиот ноември, Хамас ослободи 105 заложници. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници.
Разговорите со посредство за прекин на огнот во Газа и ослободување на повеќе заложници оттогаш беа неуспешни.
Израелската армија во операции ослободи неколку заложници, додека неколкумина беа пронајдени мртви. Експертите и набљудувачите веќе некое време веруваат дека многу од заложниците кои сѐ уште се наоѓаат во Појасот Газа веќе не се живи.