Нетанјаху во последен момент доби овластување за потпишување договори со ОАЕ и Бахреин, Трамп најавува нови

Израелскиот премир Бенјамин Нетанјаху во последен момент дознал дека нема овластувања за потпишување на договорите за нормализација на односите со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, извести во вторникот израелскиот канал N12, а истовремено американскиот претседател Доналд Трамп како што пренесе агенцијата Reuters најавил дека уште пет или шест земји ќе ги нормализираат односите со Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанхау отпатува во Вашигнтон за да ги потпише договорите во вторникот без министерот за надворешни работи Габи Ашкенази. Меѓутоа, кога допатувал во САД, наводно дознал од државниот обвинител дека според израелскиот закон мора да добие одобрување од шефот на дипломатијата или од владата.

На барање на државниот обвинител, Ашкенази му дал овластување на Нетанјаху. Откако договорите ќе бидат потпишани мора да ги одобрат владата и парламентот за да стапат на сила.

Воспоставувањето на целосни дипломатски односи на Израел со ОАЕ и Бахреин се првите вакви важни договори на еврејската држава со арапски муслимански земји од Персискиот залив по повеќе од четврт век, по договорите со Египет и Јордан, како држави од Арапската лига.

Двата договора на Израел ги поздрави американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна издејствува и Србија да го следи примерот на САД и својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, како и таква одлука да донесе и Косово кое потпиша договор за воспоставување дипломатски односи со Израел во замена за признавање на неговата самопрогласена независност. Според него, ваквите договори претставуваат победи во надворешната политика на неговата администрација.

Притоа Трамп симболично му го предаде на Нетанјаху клучот од Белата куќа на билатералната средба пред службената церемонија за потпишување на договорите. Нетанјаху возврати дека Трамп го има „клучот од срцето“ на еврејскиот народ. „Мислам дека Израел повеќе не е изолиран“, додаде Трамп.

„Има многу земји кои се подготвени да се приклучат (на договорите). Дојдовме многу далеку со уште пет други земји“, рече Трамп без да ги именува конкретните држави.

Според него, новите договори за воспоставување дипломатски односи со Израел може да се случат пред американските избори на 3-ти ноември, на кои Трамп ќе го бара вториот претседателски мандат.

„Не сакам да зборувам за конкретните земји, но ги има многу. Ќе напредуваме многу брзо, некои договори ќе бидат склучени до изборите, многу по нив. Во врска со ова прашање нема потреба да се чекаат изборите, единственото прашање е како да се постигне тоа“, рече Трамп.

На 13-ти август Трамп објави дека Израел и ОАЕ постигнале договор за целосно нормализирање на билатералните односи. На 11-ти септември американскиот претседател ја објави заедничката изјава на Израел и Бахреин за договорор за воспоставување дипломатски односни постигнат со американско посредување. Според договорите, Израел ќе го запре проширувањето на својот суверенитет на еврејските населби на Западниот брег кој меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински територии по војната во 1967 година, што е дел од американскиот план за решањвањето на деценискиот палестинско-израелски конфликт кој Палестинците го отфрлија откако САД решија да ја префрлат својата амбасада во Ерусалим.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.