Нетанјаху најави анексија на еврејските населби на Западниот брег

Израелскиот премиер во заминување Бенјамин Нетанјаху изјави во саботата дека планира да ги анектира еврејските населби во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан), доколку победи на изборите кои ќе се одржат во вторник и добие уште еден мандат.

Еврејските доселенички населби на Западниот брег, меѓународната заедница ги смета за нелегално подигнати на палестинската територија која ја смета за окупирана од страна на Израел по војните од 1967 година.

Станува збор за последното во низата предизборни ветувања на Бенјамин Нетанјаху, кое го предизвикува бесот на Палестинците и на арапскиот свет.

Во интервјуто за израелскиот телевизиски канал 12 News, Нетанјаху беше запрашан зошто не го проширил израелскиот суверенитет на поголемиод дел од населбите на Западниот брег, како што тоа го стори со источен Ерусалим и од неодмна на Голанската висорамнина.

„Кој вели дека тоа нема да го сториме? На пат сме и разговараме за тоа. Прашувате дали одиме на следната фаза, одговорот е да, ќе одиме на следната фаза. Ќе го проширам суверениетот (на Израел) и не правам разлика меѓу блоковите населби и изолираните населби“, одговори Нетанјаху.

Палестинските функционери не биле веднаш достапни за коментар за светските агенции во врска со изјавите на израелскиот премиер. Палестинците сакаат држава којашто би ги вклучувала Западниот брег, источен Ерусалим и Појасот Газа.

Околу 500.000 милиони Израелци живеат на Западниот брег и во источен Ерусалим, во областите на коишто исто така живеат над 2,6 милиони Палестинци. Еврејските населби се најспорното прашање во напорите да се обноват мировните преговори меѓу Израел и Палестинците кои замреа во 2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.