Неуспех на конзервативците на Џонсон на делумните избори

Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон е поразена на двата делумни избора во четвртокот, што претставува нов удар за владејачката партија и за премиерот лично кој веројатно ќе ги обнови нагаѓањата за неговата иднина, коментира во петокот агенцијата Reuters.

Изборните потфрлања, едното на традиционалниот југ а другото на северот на Англија, би можело да значат дека изборната коалиција која ја обедини Борис Џонсон во 2019 година можеби почнува да се распаѓа по неколкуте месеци скандали и во услови на незапаметениот раст на животните трошоци.

Џонсон се најде под голем притисок да се повлече од премиерската должност, откако по полициската истрага за незаконските раскалашани забави во владината резиденција на Даунинг стрит, беше казнете за кршење на епидемиолошките правила која Британците беа целосно „затворени“, и не можеа да присуствуваат ниту на погреби на блиските.

Претходно во јуни Џонсон го преживеа гласањето за доверба покренато од неговите конзервативни пратеници, но 41 отсто од неговите сопартијци во парламентот гласаа да биде сменет, а тој самиот се наоѓа под истрага на комисија поради можна намерна измама на парламентот.

Конзервативците го загубија мнозинството во Тивертон и Хонитон, во длабоко конзервативниот дел од југозападна Англија, како и на другите избори во Вејкфилд, на северот на Англија.

Овие избори беа првата можност гласачите да му пресудат на Џонсон, откако во мај беше објавено критичкиот владин извештај во кој се наведуваат поединости за низата незаконски забави одржани во Даунинг стрит во текот на пандемијата на коронавирусот и покрај прописите за строгиот „локдаун“.

Џонсон во четвртокот ја отфрли можноста дека би можел да поднесе оставка доколку конзервативците ги загубат и двете пратенички места, велејќи дека е вообичаено партиите на власт да ги загубат делумните избори на средината на мандатот.

Овие дополнителни избори беа предизвикани од оставките на високорангирани конзервативни пратеници, од кои едниот призна дека гледал порнографија во парламентот, а другиот е прогласен за виновен поради сексуално напаствување тинејџер.

Оливер Доуден, генерален секретар на Конзервативната партија поднесе оставка во петокот, велејќи дека не можел да продолжи како ништо да не се случило, по поразувачкиот исход на делумните избори, за што според него некој мора да ја преземе одговорноста.

„Вчерашните парламентарни дополнителни избори се последните во низата многу лоши резултати за нашата партија. Нашите приврзаници се вознемирени и разочарани од неодамнешните настани, а ја ги споделувам нивните чувства. Не можеме да продолжиме како ништо да не се случило. Некој мора да преземе одговорност и јас заклучив дека, во вакви околности, не би било исправно да останам на својата функција“, напишал Доуден во писмото со својата оставка до Џонсон.