Неуспех, понижување и пораз: Лично достоинство, молам

Има ли крај на понижувањата што ги трпи оваа држава? Преку понижувањето на нејзините политички лидери. Ако некој има дилема: нивното понижување е наше понижување. Велат дека степенот до кој може да се понижи, честопати е поврзан со статусот и само перцепцијата на жртвата пред понижувањето. Очигледно нискиот  степен на самопочит на оваа власт генерира понижување како јавен неуспех на барањето да биде почитуван нејзиниот статус, дома и надвор.

Прашање до власта: колку мисли понижување може да акумулираме и поднесеме? Покрај она што како историски запис го носиме во нашата колективна меморија. До кога ќе бидеме предмет на потсмев и спрдачина? До кога? Изгледа додека народот не каже: Доста е.

Македонскиот народ во Белград беше понижен. Беше понижен нашиот Претседател. Не дека е нешто што досега не сме го искусиле со оваа власт. Но, беше многу брутално. Низ (не) дипломатски коментар за „јазикот кој цел свет го разбира“ домаќинот ја соголе гордоста и достоинството на Претседателот Пендаровски. Кога не постои реципроцитет, постои чувство на немоќ. Немоќ пред историската парадигма на господар и потчинет. Тоа е она чувство што се обидуваа да ни го имплантираат во поранешна Југославија. Ако тоа сте дозволиле да стане дел од вашиот идентитетски код, тогаш нормално е да премолчите, зашто ментално сте го супресирале природниот импулс да се врати на господарот. Кога ви се случува ваква јавна морална деградација, не е нарушен само моралниот кредибилет на Претседателот и неговата перцепција за себе. Нападнато е чувството за самопочит на нас Македонците.

Ова е очекувано во меѓународната комуникација, ако имате Претседател кој не успева да проектира почит и достоинство. Особено ако се уште живее во сенката на поранешниот Претседател на СДСМ и државата, Бранко Црвенковски, идентификувајќи се со функцијата што ја вршел во неговиот кабинет, а не со функцијата на која е во моментов. Мислам дека е дојден моментот да се постави како вистински Претседател и да покаже личен авторитет нужен за вршење на функцијата. Доволно се шлепаше на авторитетот на Црвенковски, проектирајќи низок степен на лична самопочит, со што отвори простор лесно да биде атакуван во надворешно политичкото претставување. Точно е дека никој не може да ве подготви за функцијата Претседател. Но, функцијата бара минимум лична самопочит и достоинство. Вредносна матрица која како личен багаж ја внесувате во функцијата. Личен печат по кој ќе ве паметат. Сигурно не по функцијата советник во Кабинетот на Бранко Црвенковски. Затоа се случи Белград, а се плашам ќе се случува и Тирана, Софија, да не ја споменувам Атина. Ова мора да запре. Тука и сега. Под итно ни треба Претседател што ќе го запре понижувањето на државата и нацијата.

Зар некој може да помисли дека со соголено достоинството и без чест сте реципрочен партнер во меѓународните односи. Видовме досега како се третирани нашите лидери. Како инфериорен партнер кој не е способен да каже „не“. Сервилен, слеп послушник. Испорачувач на туѓи интереси. Тоа е сликата на македонската болна реалност на дипломатското претставување, со која живееме последниве три години.

Понижувањето полека станува редовна дипломатска практика кога Македонија е во прашање и е премногу токсична во нашите односи со соседите, кои требаа да одат во нагорна линија, по промената на името на државата и (не)реципрочната желба за добрососедство во регионот. Точно е дека сами дозволивме да бидеме понижени со едно обично пенкало и да станеме лесен плен за предаторите во нашето опкружување. На оние „четири волци“ на Македонија кои веќе никој не ги споменува. Зошто? Дали заминаа во историјата? Очигледно историјата пред нив замина во историја. А, со неа и нашата колективна меморија. Но, волците се тука, демнат, зашто иднината на Македонија сеуште не е затворена приказна.

Историјата на македонскиот народ, со која е скарана оваа власт, е историја на понижувања и негирања од нашите соседи. Тоа е нашата перцепција како народ. Затоа и понижувањето што го живееме со оваа власт е трауматично за македонскиот народ. Премногу е потценета националната гордост од носителите на одлуки за надворешната политика. Ниту Премиерот, ниту Претседателот, а најмалку Министерот за надворешни работи се свесни дека понижувањето што ни го приредија ќе биде моќен емотивен обединувачки стимуланс што ќе влијае на начинот на кој Македонија во иднина ќе го обликува  идентитетот на нацијата и политиката. Особено надворешната политика, која нужно ќе мора да биде поагресивна со цел да ги надомести своите сегашни слабости, истовремено отстранувајќи ги причините за понижувањето на државата и македонскиот народ во меѓународното претствување.

Премиерот е сериозно загрижен за иднината на државата. И треба да биде загрижен. За „неговата“ држава. Онаа која во минатото, според него, ја „краделе и присвојувале историјата на нашите соседи како наша. Тоа не е мојата држава. Мојата држава никому ништо не украла и присвоила. Напротив нејзе и е одземено правото да биде своја на своето. Таа држава верувам набрзо ќе излезе од овој сервилно налудничав концепт на нејзино обезличување и самопонижување. Но, Премиерот, од толку грижа за државата која ја замислил за себе и неговите следбеници, не може да види дека креира нешто што не може да го контролира. Понижен народ, за кој Нелсон Мандела ќе забележи: „никој не е поопасен од оној што е понижен„. Јас не би бил само загрижен. Јас би бил уплашен да сум на негово место. Но, не сум.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.