Неуспехот да се одобри преговарачката рамка за Македонија го загрозува кредибилитетот на ЕУ

38

Европскиот Парламент смета дека вчерашната блокада од Бугарија за старт на преговори со  Македонија го попречува помирувањето во целиот регион, јави дописничката на МИА од Брисел.

Илхан Ќучук, известувачот за Македонија и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за Македонија во заедничко соопштение побараа да се донесе одлука за почеток на преговорите без дополнително одлагање.

– Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка за Македонија, одложувајќи ги преговорите за членство во ЕУ го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западниот Балкан – сметаат европратениците преку официјално соопштение на Европскиот парламент.

Тие бараат да се даде приоритет на европско решение наместо на унилатерални интереси на земји членки.

Европскиот парламент смета дека неспособноста да се постигне компромис се должи на ветото на Бугарија и дека со тоа се става во опасност целото регионално помирување.

– Го признаваме напредокот остварен од страна на Скопје во темелните демократски и економски реформи и ги повикуваме сите страни да продолжат со конструктивен дијалог заснован на добрососедски односи и имплементацијата на Договорот за пријателство, во согласност со предвидлив, објективен пристапен процес за ЕУ заснован на заслуги – вели Европскиот парламент, додавајќи дека првата меѓувладина конференција треба да се одржи до крајот на оваа година за да се покаже дека тој дијалог носи резултат.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.