Неуспешен обид на Брисел за средба на главните преговарачи на Србија и Косово

Главните преговарачи на Србија и Косово не се сретнаа во вторник и покрај напорите на европските претставници да организираат заедничка средба.
Од оваа средба зависеше дали европските посредници ќе организираат состанок меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Лидерите се сретнаа само двапати минатата година.

Преговарачите на Србија и на Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, на 22-ри февруари одделно се состанаа со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак. И покрај неговите напори, тој не успеа да ги седне двете страни на заедничка маса. Ова не е првпат Петковиќ и Бислими да се во Брисел на дијалог, но не и на средба. Последен пат се сретнаа на 8 септември минатата година.

Потоа, во рамките на дијалогот беа одржани уште две средби, на кои и двајцата одделно се сретнаа со специјалниот претставник Лајчак, но немаше заедничка средба. Во вторникот вечерта, по завршувањето на консултациите со Лајчак, Петковиќ за новинарите изјави дека српската делегација поминала десет часа во зградата на ЕУ. Тој за српските медиуми потврди дека разговарал само со Лајчак, бидејќи, како што рече , претставникот на Косово Бислими одбил да разговара со српската страна. Бислими не го коментираше тоа тврдење.