Неуставна иницијатива на Уставниот суд

Доколку Уставниот суд ја оспори Одлуката за самораспуштање на Собранието, ќе ја урниса демократијата во државата до степен на непостоење.

Неразбирливоста на ваквиот став е дотолку поголема што ваквата постапка Уставниот суд ја превзема по сопствена иницијатива, кое не дека не е дозволено, но ја прави ваквата самоиницијатива уште попроблематична.

Имено, Собранието се самораспушти со цел да се одржат предвремени парламентарни избори.

На таа околност веќе се превземени целосни постапки од страна на надлежни институции во правец на ваквите активности, па во тој смисол беа распишани избори, спроведени се целосни активности од страна на политичките партии кои сакаат да учествуваат во изборниот процес, оформени се изборни листи, Државната Изборна Комисија донесе роковник за спроведување на изборите.

Со тоа во целост е завршен процесот на подготовка на изборите, а преостанат е единствено делот на кампањата и делот на самото гласање.

Во такви околности, и во услови кога е преостанат делот на гласањето, односно делот на изјаснување на граѓаните за избор на граѓански претставници – пратеници кои ќе ја спроведуваат вољата на граѓаните во Собранието, Уставниот суд има должност загарантирана со Устав да ги штити ваквите права на граѓаните, а не да ги урнисува. Ваквите обврски на Уставниот суд се децидно предвидени во Уставот.

Имено, „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот“, како и „Слободните непосредни и демократски избори“, претставуваат едни од основните елементи и како такви се внесени во темелни вредности на Уставниот поредок, предвидени во член 8 од Уставот, додека одредбите за заштита на ваквите права на граѓаните од страна на Уставниот суд се предвидени преку одредбите од член 110 став 3 од Уставот.

Од друга страна, со донесениот Заклучок од страна на Државната Изборна Комисија од ден 22.03.2020 година за прекинување на дејствијата за предвремените парламентарни избори, со истиот децидно се предвиде дека „Сите преостанати дејствија кои произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник… а по донесување на новата Уредба на Владата за изборниот процес“.

Сето тоа потврдува дека нема никаква ниту неуставност, ниту незаконитост во делот на самораспуштањето на Собранието, од причина што дејствијата за кои беше самораспуштено Собранието се превземени во претежен дел.

Преостанат е единствено делот на спроведување на гласањето на граѓаните, а кое претставува Уставно загарантирано право на граѓаните и кое претставува обврска на Уставниот суд да го заштити на секој начина ова право на граѓаните.

Од тие причини, Уставниот суд самиот си зададе тест за тоа дали ќе биде гарант на уставноста и законитоста и заштитник на човековите слободи и права ИЛИ целосно ќе ги урниса слободите и правата на граѓаните, затоа што нема никаква основа, ниту Уставна, ниту законска, да ја поништува Одлуката за самораспуштање на Собранието од причина што ќе прекрши плеада на прописи, спротивно на сите Уставно загарантирани права на граѓаните.

Дополнително, Уставниот суд не може на никаков начин да располага со вољата на граѓаните во услови кога мандатот на претходно избраниоте пратеници е вратен кај граѓаните и само граѓаните имаат право тој мандат да им го дадат на пратениците исклучиво преку непосредни избори, право загарантирано со Устав.

Уставни судии – сами ја презедовте иницијативата, сами изјаснете се за нејзината несоодветност и зачувајте ги Уставно загарантираната права на граѓаните.

Автор: адвокат м-р Стојанче Геровски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.