Неуставност и казнивост за повикување на повторно свикување на Собранието

Ниту е законски, ниту е Уставен ставот на одредени пратеници дека мандатот на пратениците во Собранието на РМ се продолжува во услови на вонредна состојба. Имено, ваквиот став е применлив во услови Собранието да не може да се собере поради прогласена вонредна состојба.

Во конкретниот случај, Собранието на РМ е распуштено со Одлука донесена на ден 16 јануари, 2020 година. Вонредната состојба е прогласена на ден 18 март 2020 година. Тоа го отсликува ноторниот факт дека вонредната состојба се воведе после распуштање на Собранието.

Во такви услови, нема кој и нема што да се собере, од причина што нема „Пратеници“ кои може да се повикуваат да се соберат. Имено, Уставотворецот предвидел дека Собранието на РМ е претставнички орган на граѓаните.

Истовремено, Уставот со ниту една одредба не утврдува да продолжи мандатот на Пратениците во Собранието во случај на распуштање на Собранието, па имајќи предвид дека Собранието со Одлука се распушти на ден 16 јануари, 2020 година, не постојат никакви ниту законски, ниту Уставни категории истото да се свикува за да продолжи со својата дејност.

Имајки предвид дека Одлуката за распуштање на Собранието има карактер на пропис и се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за „Пратеник“ во Собранието за да ги претставува ставовите на граѓаните, па со Одлуката за распуштање на Собранието, претходно избраните „Пратеници“ повеќе го немаат мандатот да решаваат, а со тоа и Собранието го нема суверенитетот да решава за било кое прашање.

Дополнително, Одлуката за распуштање на Собранието, а имајки ја предвид причината за негово распуштање, предизвика активирање на други правни механизми, со превземање на поединечни дејствија, кои од своја страна предизвикаа донесување на соодветни Акти од страна на надлежни институции.

На тој начин, со донесување на Роковникот од страна на Државната Изборна Комисија, се отпочна постапката за избор на Пратеници во Собранието на државата, сето тоа на основа одредбите од Изборниот законик.

Целата оваа постапка од страна на Државната Изборна Комисија е спроведена, со што е спроведено едно цело поглавје од изборниот процес.

Во такви услови, повикувањето на одредени „Пратеници“ за повторно свикување на Собранието, Собрание кое во овој момент како инструмент, а не како институција не постои од причина што нема „Пратеници“ кои ги претставуваат граѓаните, со тоа не постои мандат за претставување на вољата на граѓаните, со што Собранието нема суверенитет да решава за било какво прашање, па ваквото повикување претставува недозволен упад на суверенитетот на Собранието.

Таквиот упад на суверенитетот на Собранието, по својата карактеристика е многу различен од упадот во Собарнието од 27-ми април 2017 година, но по својата суштина секако може да се поистовети со цитираните настани од 27-ми април, сето тоа од причина што претставува упад и обид, а со тоа и постоење на основи за сомневање во делот на загрозување на Уставниот поредок на земјата, произлезено од ограничувањето на Уставно загарантираното право на граѓаните да одлучуваат преку свои избрани претставници во Собранието на државата, како и барањата Собранието да одлучува за нешто за кое во овој момент нема суверенитет за тоа.

При едни такви околности, без разлика што Собранието претставува колективен орган, Одлуките се носат со поединечно гласање на секој Пратеник, кои „Пратеници“ во овој момент Собранието ги нема, со што на површина излегува поединечната и лична одговорност на секој од овие „Пратеници“, идентична на поединечната и лична одговорност на секој од учесниците во настаните од 27-ми април 2017 година, обвинети за основано сомневање дека го загрозиле Уставниот поредок и безбедноста. Дополнително, пратеничкиот имунитет, а кој „Пратениците“ во овие моменти не го ни поседуваат, но истиот не штити од несовесно вршење во службата, од злоупотреба на службените овластувања, од предизвикување на несигурност кај граѓаните, па Господа „Пратеници“, вие сте на потег.

Автор: адвокат м-р Стојанче Геровски за НетПрес