Неверојатен шести домашен пораз на Ливерпул во низа, Јунајтед го запре Сити, Тотенхем убедлив

Актуелниот англиски фудбалски првак Ливерпул во неделата беше поразен шести пат по ред на својот „Енфилд“ во Премиер лигата, во мечот од 27-т коло во кое како гостин од „Редси“ беше Фулам со 1:0, а во дербито на колото во Манчестер, Јунајтед со 2:0 го запре победничкиот о’д на Сити.

Единствениот погодок на натпреварот го постигна Марио Лемина во 45 минута, погодувајќи го од работ на шеснасетникот спротивниот агол на немоќниот Алисон.

Ливерпул првпат во историјата на англиската Премиер лига, односно од 1992 година влезе во серија од шест домашни порази. Инаку, последен пат кога најтрофејниот англиски клуб во својата долга историја загубил шест последователни натпревари на свој терен било во сезоната 1953/1954-та, кога Ливерпул испаднал од елитната класа во англискиот фудбал.

Пред поразот од Фулам, Ливерпул на „Енфилд“ со ред губеше од Барнли, Брајтон, Манчестер Сити, Евертон и Челзи, а на сите овие натпревари постигна само еден погодок, и тоа од пенал. Пред оваа црна серија Ливерпул двапати одигра нерешено, па низата без победи сега се продолжи на дури осум дуели.

Ливерпул падна на осмото место со 43 бодови, а Фулам дојде до многу важни бодови во борбата за опстанок со кои сега има вкупно 26, остана на 18-то место, но намалувајќи ја разликата од местата за опастанок во лигата.

 

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед со победата од 2:0, условно како гости во денешниот дуел против градскиот ривал Манчестер Сити, прекинувајќи ја неверојатната низа на Сити од 21 победа во сите натпреварувања. Сити го претрпе првиот пораз во сите натпреварување до 20-ти ноември минатата година, со што ја прекина серијата од 28 натпревари без пораз. На домашен терен, пак, Манчестер Сити последен пат беше поразен на 27-ми септември 2020 година со 2:5 во првенствениот дуел со Лестер Сити.

Манчестер Јунајтед, пак, е без пораз на 11 натпревари во сите натпреварувања, а во претходните три натпревара ремизираше.

„Црвените ѓаволи“ поведоа уште во 2 минута, кога Бруно Фернандеш сигурно изведе пенал откако Габриела Жезус невнимателно во својот шеснаесетник стартуваше врз Марсиал, а ја зголемија својата предност на почетокот од вториот дел, во 50 минута кога Лук Шоу со топката претрча речиси половина терен, потоа двојно одигра со Маркус Рашфорд и потоа ја затресе домашната мрежа.

Со оваа победа Манчестер Јунајтед се врати на второто место на табелата со 54 бодови, 11 бодови помалку од водечкиот Манчестер Сити, а еден повеќе од третопласираниот Лестер Сити.

 

Во последниот неделен натпревар Тотехем беше убедлив со 4:1 на својот терен против Кристал Палас, благодарејќи на двата погодока и двете асистенции на Хари Кејн.

Тотенхем поведе кон средината на првото полувреме кога во 25 минута Кејн му „украде“ топка на Миливоевиќ на половината на Кристал Палас и потоа одлично на втората статива го пронајде Герет Бејл кому не му беше тешко да ја затресе гостинската мрежа. Палас израмни во судиското продолжение на првото полувреме кога по нафрлувањето на Миливоевиќ со глава погоди за 1:1 Кристијан Бентеке.

Победникот беше решен на почетокот од вториот дел кога домашните со погодоците на Бејл во 49 и Кејн во 52 минута побегнаа на два погодока разлика. Во 49 минута Регуијон нафрли по левата страна, Кејн со глава спушти до Бејл кој по вторпат лесно од близу по вторпат се впиша меѓу стрелците. Најубавиот погодок, сепак, го постигна Кејн кој во 52 минута од повеќе од 20 метри го погоди самиот горниот десен агол на немоќниот гостински голман. За конечните 4:1 Кејн погоди со глава во 76 минута на додавањето на Хеунг Сонг-мин.

Тотенхем со оваа победа скокна на шестото место на табелата со 45 бодови, колку што има и седмиот Вест Хем Јунајтед, додека четвртопласираниот градски ривал Челзи му бега два, а петтиот Евертон еден бод. Кристал Палас е 13-ти со 34 бодови.

 

Претходно Вест Бромвич Албион и Њукасл Јунајтед одиграа без голови, па домашните останаа претпоследни 19-ти со 18 бодови, а гостите се 16-ти со 27 бодови, бод повеќе од зоната на испаѓање.

 

Во понеделникот колото го затовраат дуелите Челзи – Евертон и Вест Хем Јунајтед – Лидс Јунајтед.