Неверојатна завршница во Милано, чудесен пресврт на Аталанта

EPA-EFE/PAOLO MAGNI

Во средбата од 27-то коло на италијанското фудбалско првенство Итнер во средата на својот „Сан Сиро“ против Сасуоло одигра 3:3, губејќи важни бодови во трката за висок пласман во последните минути од мечот, а Аталанта пружи уште еден одлилен меч во кој го совлада второпласираниот Лацио со 3:2 иако по 11 минути игра имаше заостанување од два гола.

Иако гостите поведоа уште во 4 минута со голот на Франческо Капуто, до полувремето Интер успеа да направи резултатски пресврт со погодоците на Ромелу Лукаку во 41 минута од пенал, и на Кристијано Бираги во првата минута од судиското продолжување на првото полувреме.

„Лудилото“ во Милано се случи во последните десет минути од мечот, кога беа постигнати три погодока. Сасуоло израмни на 2:2 во 81 минута од пенал кој го реализираше Доменико Берарди, но во 86 минута Интер повторно поведе со голот на Борха Валеро, а бекот на гостите Џанџакомо Мањани во 89 минута погоди за конечните 3:3.

Во продолжението дефанзивецот на Интер, Милан Шкрињар поради втор жолт картон мораше да го напушти теренот. Голманот на „нераѕурите“ Самир Хандановиќ го одигра 467-от натпревар во италијанското првенство, со што го зазема 25-то место на листата играчи со најмногу натпревари во Серија А.

Интер остана на третата позиција со 58 бодови, губејќи го чекорот за втората позиција со Лацио и заостанувајќи зад водечкиот Јувентус осум бодови. Сасуоло, пак, моментално е 12-ти на табелата со 33 бодови, осум бодови повеќе од опасната зона.

Лацио одлично го почна мечот против Аталанта, откако домашниот одбранбен играч Де Роон во 5 минута постигна автогол а шест минути подоцна српскиот интернационалец Сергеј Милинковиќ Савиќ со удар од 22 метри го удвои водството на гостите од Рим.

До крајот на поливремето домашните преку Робин Госенс во 38 минута го намалија заостанувањето, а во вториот дел следеше целосниот пресврт. Во 66 минута украинскиот среден играч Руслан Малиновски со прекрасен удар од 20 метри донесе израмнување, а аргентинскиот бек Хозе Паломино во 80 минута по корнер го постигна конечниот резултат 3:2.

Аталанта остана на четвртото место сега со 54 бодови, четири помалку од третиот Интер, а осум помалку од вториот Лацио. На врвот на Серија А е Јувентус со 66 бодови.

Тимот од Бергамо со оваа победа ја одржа разликата од шест бодови во трката за пласман во Лигата на шампионите пред петтата Рома која истовремено со 2:1 ја совлада Сампдорија. На „Олимпико“ гостите поведоа во 11 минута со голот на Габадини, но следеа два убави погодока на Един Џеко, во во 65 и 85 минута, од кои треба да се одбележи израмнувачкиот постигнат со волеј удар.

Рома е петта со 48 бодови, а Сампдорија остана на 26 бодови, во групата екипи кои ќе се борат да го избегнат испаѓањето во втората лига.