Додека граѓаните мака мачат да добијат соодветна здравствена услуга, министерот за здравство, Венко Филипче си води бизнис во здравството. Имено, Филипче е директор на невладината PHM-CEE регистрирана кон средината на 2015 година. Преку неа се правеле донации по неполна година од формирањето и тоа во вредност од околу 900.000 американски долари.
Упатени велат дека постојат сомневања дека истото се прави и сега кога тој е министер, само сега на лекови со краток рок на важност.
Која е разликата?
Упатените објаснуваат дека лекови со краток рок обично фирмите ги донираат на невладини организации. Затоа што во тој случај нивното уништување наместо да го плаќа фирмата, таа го дава како донација на невладини и во тој случај уништувањето го плаќа министерството за здравство или се плаќа со народни пари. Накратко, некој се богати, заради тоа што наместо компанијата производител, производите се уништуваат на сметка на граѓаните.
Која е невладината PHM-CEE?
Невладината организација каде што Филипче е директор, PHM-CEE е со седиште во државава и како што стои на нејзината интернет страницата „фокусирана е на економските, социјалните (здравствени и судски) и потреби на владите во земјите од регионот на Централна и Источна Европа и Заедницата на Независни Држави. Практично истата освен што работи во државите во Централна и Источна Европа, работи и во 11 земји поранешни советски републики, кои се дел од Заедницата на Независни Држави. Или има дозвола да работи и во Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Русија, Таџикистан и Узбекистан и Туркемистан, кој го прекинал членството во ЗНД во 2005 година и сега е само држава која соработува со Заедницата.
По неполна година од регистрација на невладината, на истата веќе и’ се одобрени околу 900.000 американски долари. Овие пари невладината ги добила за да ги донира за лекови за канцерогени болести, поточно да бидат дадени на универзитетскиот оддел на Клиниката за онкологија.
Практично, по неполна година од своето формирање, невладината го најавила својот прв проект „Доставување на лекови и антибиотици за канцерогени заболувања кои се наменети за Универзитетскиот оддел при Клиниката за онкологија во Скопје“.
Невладината на Филипче ова го добива работејќи со Direct Relief, организација за хуманитарна помош од САД и обезбедува хемотераписки лекови и антибиотици во февруари 2016 година.
Финансиското оптоварување на денешните современи третмани на ракот е предизвик за луѓето ширум светот. Работевме со универзитетскиот оддел за онкологија во болницата во Скопје и Direct Relief за да ги донесеме во Македонија заедничките придобивки од намалување на трошоците и поголем пристап до лековите кои спасуваат животи, рече Венко Филипче, извршен директор на PHM-CEE се вели во тогашното соопштение за јавност објавено од невладината.
Тој информира дека „се донесени лекови и обезбедена е грижа за стотици пациенти во вредност од околу 890.000 американски долари“.
Разбирлива е добрата намера да им се помогне на болните од рак, но она што зачудува е сумата која и’ е доделена на невладина организација, која не постои ниту една година. И тоа ни помалку ни повеќе за донација нешто помалку од милион долари на невладина која постои неколку месеци или ја нема во регисатрот на невладини ниту година дена.
Но, очигледно Филипче продолжува со „хуманитарната“ мисија и сега откако е министер. Имено, упатени велат постои простор за сомнеж дека оваа невладина организација сега е вклучена во донација на лекови со краток рок на важност. Или постои сомнеж дека невладината е вклучена во „зделка“ со инсулин. Имено на граѓаните, поточно на пациентите болни од дијабетес минатата недела им бил поделен инсулин чиј рок изминува за петнаесетина дена, а тие пак, треба да го користат до октомври, годинава.
Добро упатени извори информираа дека станува збор за инсулин со краток рок и оти тој е донација. За што станува збор и зошто инсулинот е донација за која се сомнева дека оди преку невладината на Филипче?
За инсулинот со изминат рок има посебна процедура за уништување. За да се уништи инсулин со изминат рок на траење има посебната процедура чие што спроведување опфаќа постапки на собирање, складирање, и разградување на производот, а за тоа компанијата производител мора да плати и да направи одредени трошоци. Во дадениов случај, за да не плаќа фирмата производител, односно увозникот, се прави донација. Инсулинот кој е при крај на истек на рокот се дели по пациенти…. а, за делот што ќе остане министерство за здравство ќе го плати уништувањето. Со еден збор некој се богати, заради тоа што наместо компанијата производител, односно увозникот, инсулинот ќе се уништи на сметка на граѓаните, односно даночните обврзници кои редовно плаќаат кон државата. И за сето ова, посочуваат упатени, има индиции тоа да е направено токму преку оваа невладина организација.
За ваквиот инсулин, со многу краток рок на траење, деновиве реагираа и граѓаните. На социјалните мрежи имаше и фотографии објавени од револтираните граѓани.
Инсулинот им е даден минатата недела, а треба да го користат околу месец и половина, или два, а рокот истекува за две недели или пак во септември.
Филипче, што правиш, дали си свесен воопшто што правиш??? На сите дијабетичари тип 1 , меѓу кои најголем процент се деца и млади луѓе, ни дадовте инсулини, чиј што рок е до деветти месец!!!! Како можеме да ги употребиме сите тие флакончиња за две недели??? Што е ова, бре? Убиство? После треба со поминат рок ли да земаме инсулини?
Па вчера вакви инсулини, кои имаат рок на траење уште две недели и кои се донација, им дадовте на деца, кои чекаа пред мене. БРЕ!!!
Овие инсулини мене треба да ми траат месец и половина, а рокот е до 9-ти 2018 !!
Значи после тоа со поминат рок ли да земам? А бе, што правите? Ова НИКАДЕ ГО НЕМА, реагираше една пациентка на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Нетпрес“ постави прашање до Министерството за здравство, за тоа дали инсулинот со краток рок кој го добиле граѓаните е донација која оди преку невладината на министерот Филипче. До моментот на објавување на текстот одговор не добивме.