Невработеноста ја паднаа младите што се иселуваат, а не е економско чудо

Според статистичките податоци, најголем број на вработувања има во секторот трговија, каде што има и најмногу неформални вработувања, односно сива економија. Од друга страна, најмногу вработувања има во странските фабрики, кои ги субвенционира државата.

Бројот на вработените во државава расте, истовремено, на невработените е во постојано опаѓање. И тоа е така во континуитет, со години наназад, при секое официјално објавување на бројките за состојбата на пазарот на трудот. Меѓу Агенцијата за вработување и Државниот завод за статистика трае играта со бројките кои секогаш се различни, па јавноста се прашува, која е реалната слика и вистинската причина за падот на невработеноста. При тоа, сѐ погласни и почести се тврдењата на експертите и бизнисмените, како и на граѓаните, дека има помалку невработени затоа што сѐ помасовно си заминуваат од државата, и младите и повозрасните Македонци.

Според најновите податоци, во второто тримесечје од годинава бројот на невработени лица во државава изнесува 168.180, а на вработени, 794.283 лица, објави Државиот завод за статистика, ДЗС. При што стапката на вработеност изнесува 47,1 и таа е зголемена за 2 отсто во однос на крајот на декември минатата година. Стапката на невработеност, пак, изнесувала 17,5 и таа е пониска за 3 отсто во однос на крајот на 2018 година, што според Владата, е на „историското наниско ниво“. Сепак, Македонија беше и останува на врвот во ЕУ со највисока стапка на невработеност, и покрај сите досегашни политики и мерки на владите за отворање на повеќе работни места, за обуки, квалификации, преквалификации…

Кај Агенција за вработување поинаку стојат работите со бројките, иако позитивни се трендови и таму. Вкупниот број на вработени заклучно со август годинава изнесува 128.786 или повеќе за околу 76 илјади лица во однос на крајот на 2018 година. Невработеноста се намалува. За осумте месеци од годинава невработени имало вкупно 188.829, од кои 101.187 се водат како активни баратели на работа, а останатите се во графата „други лица кои бараат работа“. Бројката е пониска со онаа од крајот на 2018. за околу 3,5 илјади лица.

И во овие две институции се регистрираат нагорни трендови, останува скептицизмот кај граѓаните околу точноста на бројките, затоа што реално не чувствуваат на свој грб дека во живеат подобро. Бидејќи, високата вработеност, значи и зголемен стандард, што не е случај кај нас.

Во иста насока се и мислењата на економистите и на бизнисмените, како и на опозицијата, кои во повеќе наврати укажуваат дека невработеноста во Македонија се намалува побрзо отколку што се отвораат реални работни места. Според нив, иако има раст на БДП во второто тримесечје од 3,1 отсто, и раст на индустриското производство од 5,8 во јули годинава, падот на невработеноста не е резултат на тоа, туку на новите работни места. Според статистичките податоци, најголем број на вработувања има во секторот трговија, каде што има и најмногу неформални вработувања, односно сива економија. Од друга страна, најмногу вработувања има во странските фабрики, кои ги субвенционира државата.

Во врска со „историски најниското ниво на невработеност“, што го потенцира Владата,  сѐ погласни се јавните дебати на кои се посочува дека невработени има помалку поради сѐ помасовното  иселување од Македонија, пред сѐ на младите. („Евростат“ веќе објави дека во последните 13 години од Македонија си заминале над 230 илјади граѓани од Македонија, кои имаат регулиран престој во странство).

Се посочува и дека, причина за падот на невработеноста е и масовното бришење на лицата од евиденцијата на невработени поради ненавремено пријавување во АВРМ, кои правото на повторно пријавување го имаат по една година.

Ангел Димитров

„Сигурно дека намалувањето на невработеноста е резултат на отворените нови работни места, но и на фактот дека многу млади луѓе отидоа надвор од државата. Ова предизвика недостиг на работници во многу сектори и што е пречка за повисок економски раст. Дополнителен проблем е расчекорот помеѓу потребните занимања и понудата на работна сила на пазарот на трудот. Затоа се случува статистика да покажува 17 отсто невработеност, а во пракса да има недостиг на работници. Затоа мора системот на образование да се усогласи со потребите на работодавачите“, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи на Македонија.

Различни институции, различни бројки. Зошто е тоа така и кои се пореални?

„Државиот завод за статистика на поинаков начин ја пресметува состојбата на пазарот на труд, од Агенцијата за вработување. Ние добиваме и обработуваме податоци по спроведена анкета кај население, според меѓународни стандарди и методи. Додека Агенцијата врши административно бележење, евидентирање на податоци за вработени и невработени лица. Пристапот на собирање на податоци и на пресметки е различен“, велат од ДЗС.

Вработени се и оние што без плата помагаат во семејни фирми!

Според методологијата на ДЗС, вработени се лица на возраст од 15 до 79 години кои за време на една недела работеле за пари (во готово или во натура) или профит, најмалку 1 час, кои привремено (поради болест, отсуство, студии, прекин на активноста на деловниот субјект..) биле отсутни од работното место, но формално биле вработени и кои помагале на семејниот имот или во семејното претпријатие, без плата. За невработени, пак, се сметаат оние кои ги исполнуваат овие три услови: за време на извештајна недела не работеле (според горенаведените критериуми), активно барале работа, т.е. преземале конкретна активност за наоѓање работа и биле подготвени да прифатат работа во следните две недели, по извештајната недела.