Невработеноста во Грција во јуни се намалила на 11,1 отсто

На 11,1 отсто се намалила невработеноста во Грција во јуни годинава, од 12,3 проценти истиот месец лани и од 11,3 проценти во мај 2023 година, според официјалните податоци од грчката Служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.

Невработени се 523.409 лица, за 60.078 помалку (10,3 отсто) во однос на јуни 2022 и за 6.234 лица помалку (1,2 проценти) во однос на мај годинава.

Доколку се анализираат официјалните податоци на Службата за статистиказа месец јуни од 2018 година до сега, оваа година невработеноста е најниска, а највисока била во јуни 2020 година со 20,2 отсто.

Кај младите до 24 годишна возраст, невработеноста од јуни 2018 година кога била 41 процент, сега е намалена на 23,6 отсто, од 31,6 проценти лани.