Невремето во Крива Паланка предизвика пожари

Невремето проследено со силен ветар, грмотевици и молњи што попладнево ја зафати Крива Паланка предизвика два пожари кои се случија речиси истовремено. Едниот се случи во селото Киселица, а другиот во селото Конопница.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски информира дека двата пожари се настанати од силното невреме.

Во селото Киселица според дојавата на жителите од електрично празнење се запалила сува трева при што зафатени се и борова и дабова шума. Интервенираа две противпожарни екипи со две возила и четири пожарникари. Опожарени се вкупно околу три хектари сува трева и шума. Во селото Конопница, пак, во маало Трнци, спој на електричните кабли кој настанал од силниот ветар запалил сува трева. На оваа локација интервенираа тројца пожарникари. Пожарот зафати околу еден хектар сува трева, изјави Коцевски.

Од почетокот на месецот досега на подрачјето на Крива Паланка и околината имало вкупно седум пожари, а последниот се случил пред два дена во селото Дрење.

Специфично е што освен овие два пожари, останатите пет што се случија месецов се во доцните вечерни или раните утрински часови и најчесто се на отворен простор. Овие пожари најверојатно настануваат поради невнимание. Последниот пожар во селото Дрење беше на 13 август и се случи на отворено. Опожарена беше сува трева, а дваесетина жители на селото помогнаа да се локализира пожарот до доаѓањето на нашите екипи. Ден претходно во вечерните часови се запали помошен објект, односно летна кујна на улицата „Осми октомври“ во населбата Маневци и за среќа брзата интервенција спречи да бидат зафатени соседните куќи. Причинета е материјална штета од околу 60.000 денари, истакна Коцески.

Тој апелира граѓаните да се однесуваат совесно, да бидат крајно внимателни со запалливите материјали и догорчињата при движење на отворен простор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.