Незаконски е поврзување на политички структури во злосторничко здружување

Незаконито е СЈО да поврзува политички структури во злосторничко здружување, смета адвокатот Дончо Наков, бранител на дел од обвинетите во предметот „Титаник“ во воведните говори за случајот.

Бранителите, секој поединечно, најавија дека за ова дело ќе бараат од советот примена на Европското право.

Бараме примена на Европското право, кое што со измената на Законот за судови доби облигаторна примена. Тоа ќе биде основа да ние бранителите бараме од Вас ценет Совет, примена на европската правна пракса, рече Наков.

Според Наков, судската пракса покажала дека делото злосторничко здружување на повеќе лица е тешко да се докаже особено ако се има впредвид еден широк временски период поврзан со многу фактички позиции.Исто така тој посочи дека наводниот мотив, кој го среќаваме како мотив, а не како план , не произлегува од судската пракса.

Оваа позиција како нишка ги поврзува сите обвинети поединечно. Ќе докажеме дека таа нишка се прекинува, фактички и не постои, односно обвинетите поединечно немале умисла да остварат вакво дело. Ниту времето, ниту местото на извршување на поединците, се дадени согласно законот во обвинителниот акт. Постојат и темпорални наводни злосторнички здружувања за некои од обвинетите. Значи некои од нив, само еден ден па дури и еден час биле дел од тпа злосторничко здружение. Следејќи ја и хронолошката рамка, на обвинителниот акт, каузалниот синџир е правно неможен без позицијата на сведоците. Исто така, за една работа за едно дејствие некој два пати да одговара- како потикнувач и извршител, е неможно. Ова се однесува на обвинетите Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Мартин Протугер и Кирил Божиновски, рече Наков.

Освен наведените, во случајот се обвинети Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.