Зголемување на платите за 30%, нов колективен договор, бенефициран работен стаж, зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4% и трансформација на определено работно со неопределено се барањата на Независниот синдикат на здравствените работници. Велат дека Министерството за здравство нема слух за нивните барања, со тоа што како одговор им предложиле зголемување на платите за 15% и тоа само за медицинските сестри со што синдикатот не се согласува. Во четврток започнуваат со протест, доколку не бидат исполнети нивните барања.
Тоа е процес на предупредувачки протести кои што ќе се одвиваат на работните места. Тоа значи дека за време на паузите од 10:30 до 11:00 часот вработените по свое размислување, по своја желба и каква желба имаат можат да излезат пред работните организации, половина час да протестираат или да седат на работните места, а да не работат. И сето тоа ќе биде направено да не се одрази на пациентите, значи се околу нив ќе биде завршено, меѓутоа мора да слушне власта за нас, вели Кристина Олевска, претседателка на Независниот синдикат на здравствени работници за ГОБ 8 Септември-Скопје .
За Олевска, која е медицинска сестра со 25 години работен стаж со последното покачување од 10% зема плата од 28.000 денари, а работи на интервентна радиологија, вели дека е несфатливо со овие средства да се живее во време на инфлација.
Се бориме за сите, за достоинствен живот, поради тие причини излегуваме на предупредувачки протести, а крајна фаза ќе биде да мораме да излеземе и на улица, но жално и бедно е оние кои беа херои на 21-от век да излезат на улица, да бидеме заборавено минато… За колку вработени станува збор ? 22 илјади вработени во здравствениот сектор, додава Боби Бојчевски, национален координатор за здравство на КСОМ .
Според Костовски подеднакво важно е да се размисли и за бенефициран стаж во одредени сегменти во здравството.
Ние постојано зборуваме за вработени во ГОБ 8 Септември, во Геријатрија, во Клинички центар, но што е е со психијатриските болници, до каде ќе стигнат тие вработени ? Знаеме дека самите пациенти се со тешка дијагноза, тие секојдневно се среќаваат со таков тип на пациенти, дали тоа влијае на нивната психа и нивното здравје ? вели Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија
Ги повикаа и возачите на Итната медицинска помош во четврток со едноминутно вклучување на сирените и ротационите светла да се приклучат на овој протест за решавање на проблемите на здравствените работници.
Според Министерството за здравство, годинава веќе два пати се покачиле платите на здравствените работници. Станува збор за значајни покачувања, вклучувајќи го и второто, ново покачување од 10%, плус исплата на регрес на крајот на годината, смета Меџити. Сепак можностите и буџетот не дозволуваат повеќе, за што биле информирани синдикатите на состаноците во Министерството за здравство, во однос на покачувањата, стои во дописот на надлежното министерство.