„Нежно его и бригадно промашување“

Во изминативе три години постојано гледаме една скапо платена медиумска кампања, во која главни ликови се раководниот тим на Министерството за одбрана, на тема меѓународните активности на Армијата на Република Македонија. Денеска подетално ќе се задржам на темата „South Eastern European Brigade“ или SEEBRIG. Оваа Бригада е формирана во 1998 година од страна на 7 земји во кои спаѓа и Македонија. Секоја земја е обврзана да испрати одреден број на офицери и/или цивили и да го пополни персоналот во Командата. Во изминатиот период Република Македонија имаше обврска да пополни 5 позиции во Командата на Бригадата. Засега Министерството за одбрана има испратено само две лица. Неисполнување на обврските од договорот за членство во SEEBRIG води кон нарушување на оперативноста на бригадата, разјадување на односите со странските партнери и нарушување на угледот на АРМ.

Освен нарушување на угледот на АРМ, имаше и ситуација во која Министерството не сакаше да ја превземе Командата на SEEBRIG, според однапред утврдениот принцип на ротација. Во 2016 година, тогашната влада успеа да се избори да се донесе консензуална одлука од земјите членки на SEEBRIG, Командниот штаб да биде преселен од Лариса во Скопје во 2017 година. За таа цел се реновираше воен објект во Скопје кој беше спремен да се стави во функција. Но, поради партиски завери и нежното его на актуелната министерка, ова примопредавање не беше направено. Дополнително, нашето Министерство за одбрана одбра да и понуди на Грција, да си ја задржи Командата до 2020 год.

Командниот штаб веќе 9 години е во Грција (по принципот на ротирање секоја земја треба да биде домаќин по 4 години). Министерката Шеќеринска ќе се огласи дека се изборила Командниот штаб да биде лоциран во Република Македонија 6 години (2020-2026) или за 2 години подолго од другите членки и да се претстави како успешен играч во воената дипломатија. Но, вистината е дека SEEBRIG одлучува секоја земја после 2020 год да биде домаќин по 6 години, а Македонија наместо да ја ужива привилегијата на домаќин цели 8 или 9 години како што се заложија претходните министри пред неа, Македонија ќе биде домаќин само 6 години.

Понатаму, од само нејзе познати причини, министерката одбра руиниран објект во касарна во Куманово каде би бил сместен Командниот штаб на SEEBRIG. Објектот е сеуште во катастрофална состојба, не се направени никакви зафати за реновирање и превземањето на Командата е доведено во неизвесност. За да биде резилот поголем при извидничката посета на делегација од SEEBRIG, делегацијата воопшто не била однесена да го види објектот планиран за Команден штаб, бидејќи не се направени никакви чекори кон реновирање на руинираниот објект.

Командниот штаб на SEEBRIG се состои од 42 странски воени лица. Да се биде домаќин на оваа Команда претставува престиж за секоја земја и армија. Во нашата земја, покрај македонското, би се издигнало и уште едно знаме на меѓународна организација, би се одржувале конференции, вежби, семинари и многу други активности од кои Република Македонија и Армијата на Република Македонија би имале неизмерен бенефит. Исто така би се унапредила и локалната економија. Според досегашното искуство во Република, странскиот персонал е сместуван во воено-станбени капацитети или таканаречени воени населби. Ако земеме во предвид дека странските воени лица би имале издатоци за живот во Македонија (по однос на месечни кирии околу 1.000 евра, како и дополнителни трошоци за персонал од 40 луѓе цела година) тогаш во локалната економија можеби би се слевале околу 500.000 евра годишно.

Понатаму, заедничкиот оперативен буџет на Штабот на SEEBRIG изнесува околу 300.000 евра и за 3 години достигнува сума од 900.000 евра, при што голем дел од средствата на заедничкиот буџет на SEEBRIG ќе се трошат во Република Македонија.

Водењето на Министерството за одбрана е непрофесионално и непресметливо, се нема јасен план и стратегија за вакви стратешки постапки важни за угледот на македонската армија. Командата на SEEBRIG можеби не е знамето на Аризона, па министерката не може доволно да се испромовира, но и тоа како е важна Команда којашто заслужува внимание од надлежните, но и нивен одговор за тоа на кој начин се распределуваат средствата за армијата, па да нема за еден воен објект да се реновира и да се стави во функција.

Автор: Александар Нацев за НетПрес