Незнаење или неспособност на владата… сеедно

На 07. Април, владата на оние од Северна Македонија, донесе Уредба со законска сила, со која се забранува исплата на надоместоците на плата, освен на припадниците на МВР, АРМ и здравствените работници.

Првото прашање кое се поставува беше едно многу логично, дали има некој меѓу тие што седат во Владата што знае што е плата, а што се надоместоци на плата, но не за државните службеници, туку за оние што своите обврски, одговорности и права ги остваруваат согласно Законот за работни односи?!

Согласно Законот за работни односи, работникот има право на плата за тие денови за кои бил на работа. Покрај платата, работникот има право на надоместоци на плата за неработните денови за време на – државен или верски празник, кој како таков е утврден со закон; надоместок на плата за годишен одмор; надоместок на плата за деновите на отсуство заради боледување и надоместок на плата за минат труд. Овие права се утврдени во Општиот и Гранковите Колективни договори, а врз основа на Законот за работни односи и посебните закони од областа на образованието, културата, социјалната заштита и сл.

Замислете сега, ако се држиме до словото на законот, сите вработени во образованието, во културата, дури и оние од акционерските друштва во кои владата е доминанантен сопственик и секаде каде што вработените не се опфатени со Законот за административни службеници, со Уредбата на владата од 07. Април, ќе останат покуси за надоместокот на платата кој им припаѓа за деновите за државниот празник Велигден (Велики петок и втор ден Велигден), Рамазан, Први Мај и денот на Словенските просветители Кирил и Методиј, ќе останат покуси за надоместокот на платата за деновите на годишен одмор; ќе останат покуси за надоместокот за боледување, како и за процентот што секој поединечно го добива за минат труд.

Проблемот дополнително ќе се мултиплицира при пресметувањето на платата. Имено, во ваков случај ќе мора да се намали бројот на работни часови како би можело да се исплати плата без спомнатите надоместоци. Тоа пак ќе предизвика проблеми и во делот на пресметувањето на работниот стаж, кој ќе мора да се намали за деновите на празниците, како и за деновите од годишниот одмор.

Но, затоа согласно Уредбата од 07. Април, на сите државни службеници нема да им недостига ниту денар, бидејќи за нив важи Законот за административни службеници, а не Законот за работни односи. За разлика од другите јавни службеници, на државните службеници нема влакно да им фали, бидејќи само ним ќе им се исплати платата во полн износ со платени слободните денови за државни или верски празници, деновите за годишен одмор и минатиот труд. Надоместоци на платата за државните службеници се само дневниците за службено патување, наградите, прекувремената работа, сменското работење, ноќниот труд и работењето во викенд и празник.

Наместо владата на преку илјада вработени државни службеници (?!) да им ги укине платите, мислам на оние кои со години не се појавиле на работни места за кои државата секој први им исплатува полн износ на плата, а тие (најголем број од нив) се на привремена работа во Швајцарија, Германија, Хрватска и каде се не, удара таму каде не смее. Не смее затоа што станува збор за основни, за елементарни права од работен однос, за кои синдикатите со векови наназад воделе макотрпна борба, за права кои секаде во светот се признати и имаат третман на цивилизациска придобивка.

На едно од јавните обраќања на социјалните мрежи ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА побара владините мерки да се добро осмислени, јасни, прецизни, точно да ги обврзуваат институциите што се надлежни за нивна имплементација и да се благовремени, бидејќи така како што се носат се нејасни, тешко разбирливи и создаваат забуна кај субјектите што треба да ги имплементираат.

Но, тоа што не можат да го разберат тие што седат во оваа технички не способна влада на Македонската држава не може никој да им го нацрта, ниту да им го објасни. Едноставно толкав им е капацитетот.

Да резимирам, покрај вирусот Covid 19, најголемата опасност по Македонската држава во моментов е не знаењето, суетата, самобендисаноста и не одговорноста на тие што ги носат одлуките.

Затоа уште еден повик до владините велемудреци – прашајте, бидејќи не знаењето не е срамота, срамота е кога вака на јавна сцена ќе се избрукате; во вакви околности секоја добронамерна идеја, секоја сугестија, секоја иновативност е добредојдена, не смее да се гледа од кого е, кој е, од која партија е или на која социјална група припаѓа, до толку повеќе што целокупната одговорност е на луѓето со бели околувратници што седат во удобните кожни владини фотељи.

Или можеби ќе продолжи Заевиот тренд – сакам кажам, не знам речам?! Ќе излезе ли сега некој од владата да каже дека мерката не им е осмислена?! Дали некој од ПР тимот на владата ќе се појави да ги објасни добрите намери, кои онака во брзање грешно се формулирани?!

За крај, личните имиња секој ги добива од милоста на кумот и своите родители, меѓутоа прекарот го дава улицата, секому по заслуга.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес