Ни трага ни глас од базените во Карпош

Затворени базени во дворовите на основните училишта во населбите Карпош 1, 3 и 4, Тафталиџе 2, и во Бардовци се само дел од проектите кои се предвидени во програмата на градоначалниот Стевче Јакимовски.

Според предизборната програма, овие проекти треба да започнат со реализација во 2014 година, а целосно да бидат реализирани до 2017 година. Во првите седум месеци од годинава, на ниту една локација не се ни подготвува теренот за работа, а со оглед на тоа дека градежната сезона трае некаде до октомври, дискутабилно е дали и ќе се започне тогаш како што е предвидено.

Во јавноста се’ посилни се гласините дека општината Карпош е пред финансиски колапс и дека ништо од ветеното нема да биде исполнето, тукус амо ќе остане како предизборна промоција ставена на парче хартија.

Од општината Карпош, цела една недела не можеа да ни дадат одговор за тоа до каде се проектите кои се предвидени во програмата, наводно поради службените обврски на градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Инаку програмата, на хартија, е одлична. Според неа, за правилен развој на децата, како и полесно пронаѓање на спортски таленти меѓу младите предвидена е и изградба на неколку спортски центари во Карпош 3 и 4 и во Влае 2.

Во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Карпош 1 предвидена е изградба на затворен базен, во Карпош 2 во ОУ „Вера Циривири Трена“ културен центар, како и реконструкција на игралиштата за ракомет и кошарка.

Основното училиште „Лазо Трповски“ во Карпош 3 треба да добие еден нов спортски центар за боречки вештини, каде ќе се изучуваат боксот, кик-боксот, борењето и џудото. Спортскиот центар треба да се состои од современа вежбалница, фитнес-сала, сауна и затворен базен.

Училиштето „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 е предвидено да добие спортски центар со отворен и затворен базен, како и гралишта за фудбал и одбојка на песок. Во урбаната заедница Владо Тасевски, каде се наоѓа основното училиште „Војдан Чернодрински“ предвидена е изградба на амфитеатар за 500 гледачи, како и игралишта за кошарка и фудбал.

Најновото училиште на територијата на Карпош, „Јан Амос Коменски“ во Тафталиџе 1 треба да се поднови со фудбалско и кошаркарско игралиште. Во ОУ „Братство“ во Тафталиџе 2, градоначалникот Јакимовски во својата програма предвидел затворен базен, исто како и во училиштето „Аврам Писевски“ во Бардовци.

Во најбројното по деца основнот училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае 2, предвидена е реконструкција на постоечката спортска сала, како и нов спортски центар, а во ОУ „Владо Тасевски“ во урбаната седница Кузман Јосифовски Питу, во училишниот двор предвидена е изградба на затворен базен и амфитеатар за културни настани.