Ни треба влада со македонски дух

Пред две недели спомнав три варијанти за разрешница на „пучот“ врз македонската држава. За жал се реализира најмрачното сценарио – антидржавните елементи чекор по чекор ја превземаат власта. При тоа без повеќе „бомби“ и терористи. Груевски се повлекува од функција со надеж дека ќе се врати по идните избори.

Во случајот не е битно дали официјално ќе се повлече 6 или 3 месеци пред изборите. Битно е дека му попушти на Заев (Бејли, ЕУ) во сите нивни барања: предвремени избори, трансформација на Владата, промени во ДИК, судскиот систем, администрацијата, медиумите, УБК, Изборниот законик и Избирачкиот список. Всушност овозможи СДСМ да ја контролира Владата, а тоа е уште полошо отколку да има техничка или преодна Влада. Вистина е дека СДСМ нема да има министри затоа што тие ќе имаат „супер министри“, кои ќе стават вето во 4 клучни министерства.

Но, не е само тоа. Ветото врз финансиите на пример ќе ја парализира целата Влада бидејќи финансиите се поврзани со сите сектори на управување. Државата ќе продолжи да тоне (еден дел од министрите ќе бидат зависни како и досега од Ахмети, „супер министрите“ од Заев, а останатиот дел од Груевски), а принципот: орел-рак-штука ќе продолжи да ја намалува довербата во ВМРО-ДПМНЕ.

Веќе 25 години и македонскиот народ и политичарите имаат проблем со менталитетот. Народот сака влез во ЕУ и зачувување на македонскиот идентитет иако гледа дека тоа е неможно. Политичарите доаѓаат на власт со лозунгите како тие на Ѓорѓе Иванов „Државата пред сè“ и „Гордо и достоинствено“, а прва работа им е да одат на поклонение во Брисел и во Вашингтон. Македонскиот народ го гледа тоа, но продолжува да овластува такви политичари. Тој процес на мазохизам и самоуништување нема крај.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ владее 9 години, а ниеднаш не го заврши целиот мандат? Да се бара вина во опозицијата е несериозно. Таа бојкотирала. И што од тоа? Имаш мнозинство во Собранието – терај си ја работата. Опозицијата го рушела јавниот поредок, правела насилство. А каде се јавните инстиуции – полиција, јавно обвинителство, судство.

Проблемот е друг. Сите досегашни Влади немаат самодоверба за владеење. Немаат таква самодоверба бидејќи одлуките не ги носат тие, туку доаѓаат однадвор. Однадвор распоредија како ќе не’ примат во ООН, однадвор одлучија за Привремената спогодба со Грција, за менување на Уставот и знамето, за декларацијата со Бугарија во 1999 година, за приемот на Албанци од Косово, за Рамковниот договор, за територијалната поделба. За ниту едно од тие прашања македонските Влади и Собрание не одлучија суверено. Се’ под притисоци, уцени, без никаков отпор од наша страна.

Зборовите на Иво Вајг:

„Во мигов во ЕУ нема консенсуз за смена на Груевски“ покажуваат како ја третираат нашата Влада и Премиер. Тоа е навреда и за целиот македонски народ и држава. Зашто таквите зборови не им ги каже на Унгарците, на Чесите, на Грците? Затоа што од Вајгл „ќе летаат пердуви како од отепана кокошка“.

Само што во споредба со спомнатите народи ние заслужуваме да ни ги организираат изборите и да го изберат Премиерот однадвор. Нашите политичари со мали исклучоци секако биле искомплексирани – било во однос на Софија, било на Белград, а денес на Вашингтон и Брисел. Повеќе од 100 години не се сеќавам за храброст на македонски политичар, по зборовите на Јане Сандански пред големиот Везир на Османлиската иперија Хилми Паша, дека со својата политика кон Македонците ќе си ја уништи државата.

Проблемот е дека нашите политичари се такви само за домашна употреба. Кога се на наша трибина од нив поголеми херои нема. Надвор молчат, молат и прифаќаат се’ што ќе им се каже. Пред неколку месеци Заев беше шпион и државен непријател (таква е вистината). Сега е партнер на Владата и потпишува договори наместо да биде во затвор. На јубилејот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски изјави дека досегашната Влада ќе ги направи идните избори, но неколку денови подоцна и вети на опозицијата право на вето. На конференцијата на Младите сили на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за „нелегално стекнатите и креирани телефонски разговори“ од странски служби, а истовремено го прифати Извештајот на Прибе и Европската комисија дека Владата самата се прислушувала. И дури направи „акциски план“ во согласност со наредбите однадвор. Сето тоа граѓаните го гледаат. Тие не му дадоа доверба на Груевски да ги крати мандатите, да потклекнува на уцени на штета на македонската држава.

Во тој момент со сите свои слабости Груевски нема алтернатива на домашната политичка сцена. Затоа и најавува нови изборни победи. Но, тоа не се знае. Постои можност САД и ЕУ да „промовираат“ некоја своја директна марионета (пошто Заев е премногу компромитиран) како во Србија. За нив побитно е сега да ја уништат македонската безбедност, финансиската стабилност, судството, слободните медиуми (доколку ги има). Потоа ќе се најде некој македонски Вучиќ. А и да не се најде, брзо одиме кон крајот на македонската држава.

Нашите политичари мораат да сфатат дека Македонецот не е Германец, Французин, Англичанец, Холанѓанец итн. Дека не смеат да му наметнуваат закони, кои се спротивни на неговите традиции, бит и култура.

На пример: во образование, здравство, семејни односи. Ние сакаме одлуки кои прво се носат во Скопје и второ кои одговараат на нашите интереси. Во спротивно немаше да живееме во Македонија, туку во останатиот дел од Европа и светот (како што направија голем број Македонци). Ако Груевски и било кој друг политичар сакаат и во иднина да се додворуваат на Брисел и да ги имаат за ментори амбасадорите на САД, Германија, Холандија итн. нека бараат доверба меѓу граѓаните од тие држави. Ние не сакаме да гласаме за македонско Собрание и Влада, а да добиеме странски господари. Потребна ни е Влада со македонски дух. Премиер и Претседател кои што ќе се борат во светот директно за македонските национални интереси, ќе ги бранат цврсто граѓаните и државата од внатрешни и од надворешни непријатели, ќе имаат храброст да се спротистават отворено на која било од „големите“ сили кога и’ носат штета на Македонија, ќе го истераат од државата кој и да е странски амбасадор што ќе си ја земе улогата на ментор.

Овие денови грчкиот премиер Ципрас му покажа на целиот свет како се брани државата и националниот интерес. Покажа како се носи ризик, се презема одговорност, се дава отпор на уценувачите. Ципрас се покажа достоен за грчките традиции. Во недела ќе видиме дали Грците ќе се покажат достојни за својот Премиер. Во секој случај, со такви храбри потези се брани држава, така се пишува историја. Во антиката Македонците биле пример на Хелените за државност. Денес Ципрас ни одржува предавање на тема – достоинство. Злочеста македонска судбина.