Ни ветарот не го намалува загадувањето на воздухот

208

Скопјани вчера се гушеа во алармантно загаден воздух, откако градот го зафати силен ветар. Досега, во случај на високо аерозагадување, граѓаните и надлежните кои со години наназад не можат да го решат проблемот со високата концентрација на ПМ10 во воздухот, се молеа на силен ветар што ќе го расчисти загадувањето.

Загадувањето во Скопје вчера беше над 35 пати повеќе од дозволеното, а ПМ 10 честичките се качија над 800 само за еден час во центарот на градот.

Но, сега, гледано по вчерашниот ден, очигледно ни ветарот не може ништо со нечистотијата и ѓубрето распослано во главниот град.

На социјалните мрежи, граѓаните револтирано коментираа за прашината којашто ветарот ја изнесе од градилиштата кои неконтролирано работат и се чини дека не спроведуваат никакви заштитни мерки во однос на загаденоста на воздухот. Се реагираше и за неисчистениот смет кој вчера беше разнесе по улиците, но тоа е небаре вечна и не невообичаена тема на нашиов простор.

Ако се гледа по високата загаденост на воздухот што ја имавме во некои денови  дури и во летниот период годинава, може само да се замисли какви ќе бидат вредностите на ПМ10 во грејната сезона која наближува.

Надлежните досега не најавија нова стратегија во борбата со аерозагадувањето, значи остануваме со старите препораки и „надлежности“ на локалната и централната власт, која досега не покажаа вистински резултати.

Додека се вртиме во круг и ги префрламе ингеренциите еден на друг, загадениот воздух агресивно влијае на здравјето на граѓаните.

Остануваат само информациите од меѓународните и во домашните студии кои посочуваат дека амбиенталниот воздух во Скопје е загаден од емисиите на „големите загадувачи“ од индустријата, сообраќајот, неконтролираната урбанизација, домаќинствата, а влијание има и местоположбата на градот.

Граѓаните, легитимно се прашуваат дали ефективното се спроведуваат плановите на надлежните, почнувајќи од  построги ограничувања на емисии за добивање интегрирани еколошки дозволи. Колку се почитуваат мерките за намалување на емисиите на прашина од градежните работи? Дали се контролираат фабриките кои емитираат загадувачки супстанции, но и дали пости можност за дислокација на индустриските капацитети
надвор од урбаните области?

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.