Нигериецот Џими доби сонародничка во Штип

По повеќе од три децении поминати во Македонија, од кои 32 години како единствен Нигериец и црнец во Штип, Симон Поликарп – Џими, кој е познат и во македонската јавност по снимените ТВ-реклами, но и со хуманитарната активност како претставник за Балканот на швајцарската христијанска фондација „Галилеј“, од неодамна доби друштво во Штип, пишува Дневник.

Тоа е неговата сонародничка, Нигеријката Блесинг Очуку, која е бруцошка на англиски јазик на Универзитетот „Гоце Делчев“.

– Чекав три ипол децении, се изначекав, но дочекав и друг човек од мојата Нигерија да дојде во Штип. Долго време бев и единствениот Нигериец со постојано место на живеење во Македонија. Kога во јануари годинава во Штип дојдоа четворица млади Нигеријци, меѓу кои и Блесинг, да учат македонски за да се запишат на некој од универзитетите во Македонија, се молев барем еден од нив да остане во Штип. Желбата ми се оствари, Блесинг најмалку четири години ќе биде моја сограѓанка. Ќе помагам колку што можам, ќе ни биде драг гостин кога сака на мене и на моето семејство зашто знам дека на почетокот ќе ~ биде тешко, а јас веќе се чувствувам како староседелец во Штип и во Македонија – истакнува Џими.

Тој од Нигерија, голема африканска земја со 150 милиони жители, дошол есента 1977 година заедно со уште 1.500 млади Нигеријци да учат во средните училишта во тогашна Југославија. Од нив, 60 биле во Македонија, 42 се запишале текстилно училиште во Штип, а 18, меѓу кои и Џими, рударско во Пробиштип. По матурирањето, сите се вратиле и останале во Нигерија, освен Џими.
Во Нигерија, во родната Јола, град со речиси два милиона жители, каде што му се тројцата браќа и трите сестри, се вратил само на една година, првата по матурирањето, да ги одработи задолжителните 12 месеци како владин стипендист.

Потоа се враќа и засекогаш останува во Штип. Се запишал на Рударско-геолошкиот факултет, но на струката никогаш не работел. Прво држеше кафуле, па изнајми ресторан, а од 1999 година е во „Галилеј“. Оженет е со скопјанката Билјана, со која има два сина. Прекарот Џими го добил уште првата година во Пробиштип кога најчесто бил облечен во маица со името и ликот на неговиот омилен реге-пејач Џими Kлиф од Јамајка, кој многу личел на него, па соучениците мислеле дека самиот си ги отпечатил името и ликот на маицата и го завикале Џими.

Блесинг, пак, доаѓа од Абуџа, главниот град на Нигерија, каде што има три сестри и двајца браќа. И таа е нигериски владин стипендист, а дополнителна финансиска поддршка за студирањето добива и од родителите.

– Имав опции да студирам во Русија и во Македонија. За нас, и рускиот и македонскиот јазик се многу тешки. Се определив за потоплата Македонија. Сакав да одам на медицина, но бидејќи уште добро не сум го совладала македонскиот јазик, решив да студирам англиски јазик, кој во Нигерија е службен. Живеам во студентски дом во центарот на Штип и досега ми е добро – вели Блесинг.

 

ФОТО: ДНЕВНИК

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.