Полицијата во нигериската метропола Лагос ослободила 19 жени и девојки кои повеќето биле грабнати, по што биле силувани од грабнувачите кои планирале да ги продадат бебињата.
Жените и девојките, на возраст од 15 до 28 години, биле намамени од разчлични краеви на Нигерија со ветувања дека ќе добијат работа, соопшти во понеделникот полицијата на Лагос. Додаде дека биле пронајдени и четири деца.
Инаку, таканаречените „фабрики за бебиња“ се најчести во деловите од источна Нигерија. Жртвите се доведени во Лагост од јужните и источните сојузни држави Риверс, Крос Ривер, Акуа Ибом, Анамбра, Абиа и Имо.
„Осомничените главно грабнувале млади жени за да ги забременат и да ги продадат децата на потенцијални купувачи. Девојките биле намамувани со вработувања како домашни помошнички“, изјавил портпаролот на полицијата, Бала Елкана.
Момченцата биле продавани за 500.0000 наири (1.400 американски долари), а девојченцата за 300.000 наири (830 долари). Притоа портпаролот додал дека децата требало да бидат продадени, но оти засега не е јасно кои и од каде се потенцијалните купувачи.
Две жени, на возраст од 40 и 45 години, се уапсени а полицијата сѐ уште трага по трета.
Портпаролот Елкана рекол дека акцијата била изведена на 19-ти септември, но била држена во тајност за полицијата да може да ги уапси осомничените.
Нигериската полиција минатата седмица спаси повеќе од 300 луѓе, повеќето деца од кои некои имале и по пет години, а кои биле врзани со синџири и заточени во една зграда во градот Кадун на северот од земјата. Споменатата зграда била сместено исламски верско училиште, а жртвите сведочеле за брутално и свирепо однесување кон нив.