Никој не застанува со СДСМ во обидот да ја поништат лустрацијата

338

Социјалдемократите во Собранието остануваат сами во обидот преку законско решение да се поништат решенијата за лустрација. Денеска во парламентот имаше не успешен обид да се почне со комисиска расправа за Предлог законот за поништување на лустрација, но седницата не ни започна. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ, но и од други политички партии се спротивставија на претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски така што не присуствуваат на седницата.

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски вели владејачката партија нема аргументи за поништување на листрацијата и смета дека е недозволиво да се поништата решенија за лустрација на соработниците на тајните служби особено во случаи каде настрадале невини лица.

„Никој освен СДСМ како наследник на тој претходен режим не сака да даде поддршка на тој закон. Нема европска земја која не поминала низ лустрацијата. Ние сме тука, ако Кирацовски ја закаже седницата во 11 часот навечер, ќе отидеме и со аргументи ќе се спротивставиме. Македонија помина низ најмеката лустрација“, додаде Димовски.

Кирацовски обвини за опструкции. Вели покрај ВМРО ДПМНЕ и пратениците од ДУИ и Демократската партија на Турците не се појавиле на закажаната седница.

„Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ, кон опструкциите за работа на Комисијата за политички систем на седницата закажана за поништување на лустрацијата се приклучија уште две партии, односно ДПТ и ДУИ за кои се надевам дека имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат и со нас и со пошироката јавност“, рече Кирацовски.

Низ процесот на лустрација околу 300 лица со решенија на Комисијата за верификација на факти им беше забрането да извршуваат државни и јавни функции бидејќи е утврдено дека соработувале со поранешните тајните служби. Меѓу нив поранешни министри за внатрешни работи и високи полициски функционери како Љубомир Фрчкоски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, режисерот Владимир Милчин, актерот Данчо Чеврески и други лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.