Никој не знае колку пари државата потроши за поевтина струја за компаниите

Парите се потрошија, цените минимално се намалија. Но, никој во моментов нема точна пресметка, колку пари од буџетот кој го полнат и граѓаните се искористија овие месеци за дел од прехранбените компании да добиваат поевтина субвенционирана струја.

Ниту министерот Бесими, кој менаџира со државната каса засега нема таков податок. Но, вети дека во наредниот период ќе се направи анализа и секој денар на граѓаните ќе се знае точно каде завршил. Не одговори дали според него мерката била ефикасна, само го повтори она што го најави неговиот колега Бектеши, дека истата ќе биде укината.

„Секоја информација е транспарентна, тоа што се пари на граѓаните до последен денар ќе знаат граѓаните каде се потрошени парите и тоа апсолутно можам да ви кажам и ова лесно се пресметува“, вели министерот Бесими.

И првиот човек на ЕСМ, Ковачевски крева раменици. Тврди дека неговата компанија располага со податоци колку пари се наплатени од тие фирми, но бројка колку се потрошени за субвенционирана струја нема.

Овие фирми струјата, наместо од отворен пазар, ја добиваа преку ЕСМ Продажба по пониска цена од берзанската. Според податоците на ЕСМ во декември и јануари оваа поволност ја користеле 240 субјекти од прехранбениот сектор. За двата месеци потрошиле 12.702 MWh, за која им било наплатено над 1, 2 милиони евра.