Никој нема право да си поигрува со угледот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот идеолог Драган Богдановски

Како организационен секретар на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ сметам дека сум повикан да реагирам во врска со Фејсбукот статусот на поранешниот претседавач на Унија на ветерани, Манојил Јаковлески објавен на 29 декември 2021 година на официјалниот Фејсбук профил на Унијата на ветерани, каде што именуваниот напишал: „Ѓорги каде ја гледаш грешката на објавената книга за Драган“. Како и за објавата во која правно појаснувам како е постапката за издавање издание, именуваниот ми реплицирал: „Оваа објава која е објавена е без консултација со мене, и целосно се оградувам“ (за мене, а верувам за оние што ја следат оваа страница и смешно и трагично).

Веќе втора недела по ред ги следиме коментарите и реакциите во однос на книгата „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“ за чие издавање и пишување биле запознаени само тесен круг на луѓе.

Мора да укажеме дека членови на Задграничниот комитет во Перт и Аделаид од Австралија, кои се потпишани како техничка редакција на книгата без овластување и консултации со врвните партиски органи си презеле издавачка дејност и собирање на донации (над 10.000 австралиски долари) од членовите на комитетите и други добротвори. И дури откако книгата е веќе отпечатена за тоа не се информирани Изршниот и Централниот комитет, а Унијата на ветерани е целосно игнорирана. Ваквиот потег за „операцијата“ која се одвивала во очигледно голема тајност покажува дека посочените лица (техничката редакција) не почитуваат хиеархија, Статут на партијата и преземаат обврски кои не се нивни и го доведуваат во прашање угледот на задграничните комитети. Посебно што пристапиле кон издавање на тема која е многу суптилна и бара стручност и компететност.

Самиот начин на чување на целата постапка во тајност буди сомнежи и со право треба да бидат поставени неколку прашања. Деновиве порталот „Македонска нација“ чиј главен и одговорен уредник е Манојил Јаковлески даде медиумска поддршка на потписниците на одговор на реакцијата на семејството на Драган Богдановски, така што го објави делумно нивниот одговор, но не ја објавил реакцијата на семејството, што е крајно непрофесионално. Насловот на текстот „Дневникот на Драган Богдановски ги бранува водите меѓу матицата и емиграцијата“ е  наведувачки затоа што четири или пет лица од техничката редакција не се цела македонска емиграција во Австралија.

Во оваа прилика, бидејќи авторот на текстот во „Македонска нација“ не се потпишал ќе му упатиме неколку прашања на главниот и одговорен уредник:

  1. Дали сте вие главен иницијатор да се издаде овој „Дневник на македонскиот маченик Драган Богдановски“ кое спротивно на повеќе закони, на научната методологија без согласност на живиот му брат на Драган Богдановски, па дури и без негово информирање?
  2. Зошто на вашиот портал „Македонска нација“ две недели не ги објавувавте реакцијата и отвореното писмо од семејството на Богдановски?
  3. Господине главен и одговорен уредник, кога на македонската јавност ќе и’ обезбедите да види макар еден ОРИГИНАЛЕН ФАКСИМИЛ од „Дневникот“?

Неколку лица од техничката редакција се членови на Иницијативниот одбор за возобновување на „Македонска нација“, па оттука јасни се релациите меѓу главниот и одговорен уредник и тие лица.

Исто така упатуваме неколку прашања до професорката Виолета Ачкоска:

  1. Дали сте вие конспираторот на издавањето на овој „Дневник“ и што ве натера да се впуштите во ваква тајна операција која донесе многу немир меѓу нашето членство?
  2. Како вие како професор кој предавал методологија на научно-истражувачка работа на студенти, ставивте потпис на ваков памфлет кој е сосема спротивен изработен од она како се прави едно издание?
  3. Дали сте свесна дека како За издавачот сте одговорна пред законите на оваа држава за нелегално испечатено издание?
  4. Дали пред да пишувате предговор и биографија го видовте со свои очи оригиналот од „Дневникот“ или добивте само компјутерски исчукан текст?
  5. Со кое лице го рекламирате „Дневникот“ на вашиот фејсбук профил доведувајќи многу луѓе во заблуда и покрај реакцијата на живиот му брат на Драган Богдановски?

Вашето мудро молчење нема да не’ одврати од намерата да побараме мислење од ЗДРУЖЕНИЕТО НА ИСТОРИЧАРИ за самото издание и за оценка на вашиот професионализам.

После се’, следуваат прашања и до техничката редакција на изданието (Ангеле Вретоски, Трајче Т.Трајкоски, Предраг Ивановски, Мендо Вулкановски, Јордан Груев):

1.Дали вие ја имате преземено улогата на реализиратори кои преку вашите лични профили ги жигосувате сите што не се слагаат со начинот на кој е издадена оваа книга и имаат сомнеж во содржината? Знаете ли дека со напаѓањето на видни личности од ВМРО-ДПМНЕ внесувате раздор помеѓу членството кое ги следи преписките на социјалните мрежи?

2.Кое е вашето искуство во издавање книги и од каде е вашето знаење како тоа се прави, па толку грчевито застанувате во одбрана на содржината на книгата или некој одовде ве насочува како да ставате етикети?

3.Дали Јордан Груев водел судски процеси против покојниот Панко Стамкоски на кој се повикувате за дневникот и поради тоа Стамкоски останал на улица? Иако тој преку весникот „Македонија“ вршеше голема патриотска мисија во Австралија.

4.Како може Јордан Груев да биде во техничката редакција на книга за Драган Богдановски кога од тоа што се гледа на социјалните мрежи е жесток противник на ВМРО-ДПМНЕ?

Почитуван главен и одговорен уредник на „Македонска нација“, Манојил Јаковлески, За издавачот проф. д-р Виолета Ачкоска, членови на техничката редакција кога веќе сте решиле да ја експонирате оваа тема, треба да знаете дека за историјата треба факти, ОРИГИНАЛИ, а не прераскажувања и исчукани текстови на компјутер. Зошто баш сега и на ваков начин сакате да се истакнете со помош делото на Богдановски останува енигма, до кога со криенки и подвали за овој човек?

Врз основа на горенаведеното сметам дека треба да се поведе дисциплинска постапка пред највисоките партиски органи за инволвираните и да заседава партискиот суд на честа. Унијата на ветерани треба да застане одлучно и решително во одбрана на својот авторитет и на единството во ВМРО-ДПМНЕ.

Коментар за автентичноста на содржината: На страна 29 од книгата, Драган Богдановски наводно ословува Република Македонија?!. Според тврдењето на техничката редакција, Богдановски го пишувал дневникот во 1990 година за периодот на 70-те кога сеуште е Социјалистичка Република Македонија. Имено Богдановски секогаш во сите преписки ословувал со Републиката или македонската Република. Еден мал пример за „автентичност“ што треба да ги замисли читателите.

Автор: Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес