НИКОБ исклучен од работата на Комората за приватно обезбедување

1126

Случајот за насилството на сопственикот на НИКОБ, Кирил Лазаров, за коешто објавивме вчера, не завршува само како настан во билтенот на МВР, туку е пријавен и во Комората на Македонија за приватно обезбедување каде што оваа  Агенција за обезбедување е членка.

Комората повела дисциплинска постапка по барање на ФЕРШПЕД АД, како оштетена страна бидејќи во насилното дивење на Лазаров настрадал Драган Наков, синот на сопственикот на ФЕРШПЕД, компанија која исто така е членка на Комората за приватно обезбедување, но и клиент на НИКОБ.

Дисциплинскиот совет во случајот носи мерка со која на НИКОБ му се забранува учество во работата на Комората во времетраење од четири години. Управниот одбор на Комората, како второстепен орган за одлучување во дисциплинската постапка ја потврдил одлуката.

Од Комората ни ја потврдија информацијата. Дисциплинскиот совет констатирал дека поради дејствијата што ги извршил Лазаров, сооственикот на НИКОБ, прекршени се Кодексот на професионална етика на Комората, дигнитетот на професијата. Прекршени биле и основните начела на професионалност, стручност, со што директно се влијае врз довербата на клиентите.

Дали оваа дисциплинска мерка влијае или би требало да влијае врз одлуката на државните институции кои изминатиов период „довербата“ и ја даваат токму на оваа компанија за која надлежен орган констатирал дека кон своите клиенти не се однесува со почит и професионалност? Очигледно Кодексите за професионализам не играат улога во земањето на тендери, а кога станува збор за плаќање со пари на народот, и тоа како се важни сите критериуми, и етички и професионални.

Кратко околу настанот кој претходи на дисциплинската постапка, летото во елитниот скопски хотел „Александар Палас“, се случил инцидент предизвикан од сопственикот на Националната агенција за обезбедување на лица и имот (НИКОБ), македонскиот бизнисмен Кирил Лазаров. На 8 јули 2021 година, Лазаров дошол во хотелот во 21 часот, почнал да се однесува агресивно и во еден момент физички го нападнал Драган Наков, синот на сопственикот на „Александар Палас“, Штерјо Наков. Во инцидентот настрадале и уште неколку присутни лица како и дел од инвентарот во објектот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.