Никогаш не мислев да го бркам рекордот на Шумахер

Пилотот на „Мерцедес“, Луис Хамилтон е на вистински пат да ја одбрани шампионската титула и да стане светски првак во Формула 1 по петти пат, или само две титули помалку од рекордерот Михаел Шумахер, но нагласи дека никогаш не му била цел да се израмни со легендарниот Германец.

Британецот на четири трки пред крајот на сезоната има 67 поени предност во однос на Себастијан Фетел, што значи дека за одбрана на титулата викендов ќе му треба да освои осум поени повеќе од возачот на „Ферари“.

И покрај тоа, Хамилтон нагласува дека неговите животни амбиции биле исполнети во 2015 година, кога стана трикратен светски првак, како и неговиот идол Аиртон Сена. Затоа посочува дека рекордот на Шумахер никогаш не му бил план.

Искрено, тоа никогаш не беше моја цел. На почетокот мојата цел беше да се изедначам со Сена, кој беше возачот каков што сакав да бидам. И тоа го направив пред три години. Од тогаш сè беше непозната територија. Статистика на Михаел е неверојатна, уште многу работи ме делат од тоа, но јас ќе останам тука уште некое време, ќе работам напорно и ќе продолжам да се обидувам да го правам она што го правам сега, тоа што ми се допаѓа и  јас уживам во тоа, па ќе видиме до каде ќе ме оведе, изјави Хамилтон.